Во отсуство на обвинетите за Диво Насеље утрово Апелациониот суд во Скопје ја продолжи седницата за жалбите за пресудата откако вчера имаше тензична атмосфера кога тие упатија пцовки и навреди кон судиите и бараа да прочитаат заедничка изјава.
На денешното продолжение присутни се само тројца обвинети од кои еден од првостепениот суд доби 12 години затвор, а другите двајца беа ослободени. Присутни се и адвокатите, како и обвинител од Вишото јавно обвинителство.
Еден од адвокатите, Еленко Миланов, образложувајќи ја својата жалба прво рече дека по четири години од носењето на пресудата и исто толку време поминато во притвор, веројатноста да се укине пресудата е изразена во промили.
– Како бранител морам да се борам за сите тие промили кои остануваат. Грешката ќе ја лоцирам во обвинителството и во правната квалификација на делото. Неспорно е дека тоа на 9 и 10 мај во Диво Насеље беше страшен настан, но не можеше да се постави како тероризам – рече Миланов.
Објаснувајќи зошто според него тоа не било тероризам, адвокатот посочи дека на 9 и 10 мај 2015 полицијата отишла во Диво Насеље да врши претрес, на што бил пружен отпор. Но, овој акт според одбраната не е напад на институција или друго нешто што е содржано во делото тероризам за да може да се оквалификува како такво.
– Ако има нешто што можеше да наликува на тероризам тогаш можеме да зборуваме за настанот во Гошинце, но и тука недостасуваат елементи – рече адвокатот надополнувајќи дека полициската станица Гошинце не била обезбедена како што треба, немало насилнички упад итн.
Одбраната се жалеше и на повреди на постапката во текот на судскиот процес кој се водеше пред Кривичниот суд. Тој го посочи и тоа дека наредбата за ПИ мерки не била дадена на одбраната сѐ додека не започнал главниот претрес во судската постапка, како и дека не биле прифатени докази на обвинетите.
Судскиот процес за чија пресуда вчера и денеска се разгледуваат жалбите пред првостепениот суд започна на 9 февруари 2016 година, а пресудата Кривичен ја изрече на 2 ноември 2017. Седуммина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 години, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди.
Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.
Прв осомничен во случајот е Сами Укшини, познат како командант Соколи, кој е еден од 13-те кои добија по 40 години.
Во крвавите настани во Куманово, во престрелка помеѓу оваа група и припадници на македонските безбедносни сили беа убиени осум припадници на МВР, а повеќе од 30 беа ранети. Беа убиени и десетина припадници на вооружената група.