Одбиено барањето за прекинување на „ТНТ“

176

Судењето за уривањето на комплексот Космос „ТНТ“ на СЈО продолжува со сослушување на сведоци предложени од одбраната, откако судечкиот совет го отфрли барањето на одбраната за одложување на главната расправа до целосно решавање на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор како осомничена за случајот „Рекет“.

Претседателот на судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев рече дека барањата за изземање на Катица Јанева и Бурим Рустеми се отфрлаат.

Судијата Ставрев посочи дека судечкиот совет донел одлука дека барањата за изземање на јавниот обвинител за судот е недозволиво, и со оглед на тоа што не може да се одлучува по нив единственат цел е одложување на постапката.

– Судот смета дека ваквото барање е неосновано, со оглед дека станува збор за специјален јавен обвинител, кој согласно закон има целосна автономија – изјави Ставрев.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми.

Одбраната, пред почетокот на денешното рочиште, побара прекин на постапката до целосно расчистување на состојбата со СЈО Катица Јанева.

Адвокатот Дончо Наков рече дека јавниот обвинител Бурим Рустеми е сослушан сведок за „Рекет“ и не може да ја застапува Јанева, која е во притвор.

– Доколку продолжите да работите денеска јас сметам дека треба да ви укажам на записник со цел да се знае еден ден дека вие сте дозволиле јавен обвинител кој е сослушан сведок во случај за кој обвинителката која тој ја застапува се наоѓа во притвор. Не може овој обвинител да постапува во моментот како овластен застапник на Катица Јанева поради егзистирање на правосилно судско решение за притвор – нагласи Наков.

Јавниот обвинител Бурим Рустеми, кажа дека се додека не е официјално прекинат мандатот на Катица Јанева тие имаат право да ги застапуваат предметите.

– Евентуална одлука на судот и секоја друга одлука, а вклучително и одлука за притвор не е релевантна се додека нема одлука од Советот за јавни обвинители за престан на мандатот на СЈО Катица Јанева – рече Рустеми.

Посочи дека согласно одредбите од Законот за јавно обвинителство, републичкото јавно обвинителство нема право да одлучува за СЈО, а со цел како што рече зачувување на автономијата на СЈО.

– Сметам дека судот треба да го прифати писмото од ЈО на РСМ како факт дека нема институцијата согласно наведените закони да одлучува и согласно тоа да продолжи со постапката – изјави Рустеми.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...