Одбиени сите барања за изземање на судиите во „Титаник“

По ваквите одлуки, се очекува конечно да започне судскиот процес за „Титаник“ чијшто рочишта досега постојано се одложуваа. Следното е закажано за 9 мај.

474

Одбиени се сите барања на одбраната во случајот „Титаник“ за изземање на судечкиот совет кој постапува по овој предмет и на претседателите на Кривичен и Апелација.

Барањето за изземање на в.д. претседателката на Апелациониот суд Лидија Димчевска е одбиено како неосновано од страна на Врховниот суд. По ова, Димчевска можела да одлучува за барањето на изземање на претседателот на понискиот – Кривичен суд Иван Џолев. Таа го отфрлила барањето, со што Џолев можел да одлучи дали ќе се изземе судечкиот совет кој постапува во предметот. Барањето тој го одбил како неосновано.

По ваквите одлуки, се очекува конечно да започне судскиот процес за „Титаник“ чијшто рочишта досега постојано се одложуваа. Последните неколку, вклучително и тоа што требаше да се одржи денеска, беа откажани токму поради тоа што се чекаше одлука на барањата за изземање на судиите. Следното рочиште е закажано за 9 мај.

Инаку, барањето за изземање беше поднесено од одбраната поради сомнеж дека судиите се дел од нелегално прислушуваните разговори. Тие посочија дека специјалната обвинителка Катица Јанева во телевизиско интервју кажала дека постојат судии кои биле прислушувани и постапуваат по предметите на СЈО. Еден од адвокатите испратил барање да му кажат кои се прислушуваните судии, но Јанева сѐ уште не одговорила, па затоа се побара изземање на целиот судечки совет, претседателите на Кривичен и Апелација.

Првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, а покрај него на обвинителна клупа седат уште 20 други лица: неговиот поранешен шеф на кабинет Мартин Протуѓер, екс генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, градоначалникот на Пустец Едмонд Телемко, пратеникот Илија Димовски, како и Билјана Бришкоска Бошковски, Мунир Пепиќ, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...