Г.г. Гаврил, упокоениот некогашен поглавар на Македонската православна црква, својот живот го заврши во двособно станче, што претсмртно му го остави во наследство на свештеникот кој се грижеше за него. Беше олицетворение на добродетел и врвен интелектуалец и полиглот, кој во својата длабока старост и видливо нарушено физичко здравје, направи напор, Библијата да му ја доближи на својот верник, преведувајќи ја на македонски јазик.
Се присетив со пиетет на ликот на архиепископот г.г. Гаврил, на неговото блажество, на неговиот животен, морален и духовен аскетизам, зашто Тој, човекот, и не само верникот, го љубеше немерно повеќе од личното високосвештенско его.
Се присетувам со на г.г. Гаврил деновиве, кога неговите наследници повторно аветно ни се појавија од небесите на нивната надземна залелеаност, престорени во трговски панаѓурски џамбази.
Се присетувам на г.г. Гаврил, на тој високодостојник, кој секое човечко суштество го ословуваше со „брате“, или „чедо божјо“ и замина од овој свет тивко, само со крстот.
Се присетувам секогаш на г.г. Гаврил и неговото милозвучно глаголење, кога без ронка резерва и влакно на јазикот, со видлива сет, ќе речеше дека нѐ навтасале времиња на морална скудност, кога и „ѓаволи се вовлекле во свештенички мантии“.
Се присетувам на г.г. Гаврил, кој не ги милуваше помпите и фанфарите и никогаш, дури и тогаш кога му ја ставија на главата златно-срмената архиепископска круна и беше седнат на Светиклиментовиот трон со илјадолетна древност, остана на земја – со човекот, верникот, простосмртникот.
Се присетувам на упокоениот некогашен поглавар на Македонската православна црква секогаш кога сакам да заборавам дека мантијашка братија може да ги сквернави божјите заповеди и древните црковни канони.
Да беше жив, г.г. Гаврил, тој интелектуален и човекољубив фанатик, можеби ќе ме прекореше, зошто сега, после толку години, ја беспокојам неговата упокоеност. Тој, не беше толку нереален верник, колку што сакаше да е реален, овоземен човек, со сето сочувствие кон паствата. А уште повеќе, кога знаеше дека во црковните храмови ме носеше љубопитието за древноста на нашиот духовен корен, а не современиот театар во нив.
Нека е ова моја ода, за упокоениот пастир, г.г. Гаврил.