Огромните пожари во Австралија може да станат редовна појава

70
FOTO MIA

Во заклучоци од 57 научни извештаи објавени од 2013 година се покажува дека големи природни непогоди како што се пожарите во Австралија, можат да станат норма наместо исклучоци.

Австралиската Влада и некои медиуми се обидуваат да ја минимизираат улогата на климатските промени предизвикани од човекот, но податоците покажуваат дека планетата е многу поранлива од такви појави.

– Ние нема да го спречиме трендот на затоплување на климата во блиска иднина, така што непогоди како ова ќе продолжат да се случуваат – рече Ричард Бетс, директор на Одделот за истражување на климатските промени во британската метеоролошка служба.

Систематизацијата на податоците од 57 извештаи покажува дека се повеќе се забележуваат услови кои британските научници ги нарекуваат „огнено време“. Тоа е комбинација на високи температури, мала влажност, слаби врнежи од дожд и засилен ветер.

Истиот ефект што климатските промени го имаат врз Австралија е причина за поголеми пожари во западните држави на САД, Јужна Европа, Скандинавија, Амазонија и Сибир.

Глобално, сезоната на пожари се продолжила за 20 проценти, велат научниците.

Според Светската метеоролошка организација, до крајот на векот, просечната температура на Земјата ќе се искачи за 3 до 5 Целзиусови степени доколку не се намалат обемот на штетни гасови ослободени во атмосферата.

Тоа е трипати над договореното ниво во Парискиот договор за климата од 2015 година.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...