Овде фашизмот, просто, не вирее!

3394

Уште не се бев прибрал по дома како што треба од вчерашниот вечерен телевизиски разговор на 1ТВ со д-р Александар Литовски, историчар, на темата дали во бегството на Груевски во Унгарија можат да се извлечат некакви паралели со бегствата на Ванчо Михајлов горе-долу по половина европска мапа во првата половина на минатиот век, а веќе добив триесеттина реакции на гледачи на дебатата (некои телевизиски, други од социјалните мрежи и од интернет порталите)… И, претпоставувам, реакциите ќе продолжат да се множат и во деновите што следуваат.

Претходно, кога минатата недела во една од колумните, прилично фриволно, напишав дека со бегството на Груевски ја добивме 21-вековната верзија на Михајлов во Македонија (а некој ден потоа, меѓу другите, колегата Љупчо Поповски во својот напис во „Независен весник“ таа теза, на подобар начин од мене, ја обработи во многу повеќе детали), некои вознемирени и добронамерни пријатели од Бугарија прилично ургентно ме замолија со абер, аман, да не го споредувам Михајлов со Груевски – бидејќи Бугарите навистина не сакаат на кој било начин да бидат имплицирани во тековниот меѓународен скандал со исчезнувањето на Груевски од Скопје и неговото, речиси вонтелесно, ненадејно појавување во Будимпешта во својство на загрозен политички азилант во бегство од правдата во Македонија! (И, навистина, за такви компликации и сомнежи, од сето она што се знае, нема никаква основа, што не е случај со некои други македонски соседи…)

Во самиот, би рекол опуштен, разговор со д-р Литовски релативно брзо стасавме до поентата дека меѓу Грујо и Михајлов нема големи историски паралели, ниту според историските контексти, а ниту во смисла на релевантноста (и последиците) од активностите на овие двајца историски актери.

Но, потоа, во разговорот се позанимававме и со историската, а и со актуелната потреба на ВМРО да флертува – често со масовни кобни последици – со десничарските и крајно десничарски движења во Европа, некогаш отворено фашистички (како во случајот на Михајлов), а денеска во форма на илибералните, недемократски, автократски изблици на модерното ВМРО-ДПМНЕ, како во сагата за Груевски и неговите „пролупани“ другарчиња.

Тоа е таа никогаш завршена мрачна комитска митологија, блесаво пренесувана со поднапиени романтичарски призвуци, за ками, наганти, разни насилници како Ќосето и други насилни будалаштини кои во современото, „пацифизирано“ ДПМНЕ се влечат од периодот од пред стотина години на некогаш моќната терористичка организација ВМРО (со разни додавки и шизми) чии крвави траги се протегаа од Марсеј, Милано и Виена, до Софија, Солун и кориите и ливадите на Пиринска Македонија.

Сепак, во добар дел од македонската јавност не пресушува интересот за овие историски теми. Тоа ме враќа во времињата на некогашниот „Млад борец“ – молам помладите читатели да се распрашаат наоколу каква медиумска „направија“ беше овој весник на крајот од деведесеттите – кога со покојниот Никола Младенов, со Синиша Станковиќ и со другите колеги и соработници на редакцијата решивме да отвориме разни „бели петна“ од македонската понова историја, до тогаш ексклузивно раскажувана само од официјалните извори на социјализмот. Памтите: интервјуата со Вера Ацева и со Крсте Црвенковски, на пример – а потоа и низа други интервјуа, написи и реакции – така „експлодираа“ во тогашната македонска јавност, што во Македонија речиси и да немаше печатница (да, постои време и пред интернет!) што ќе беше во состојба да испечати толку копии од списанието колку што беше пазарот заинтересиран да ги „проголта“…

Зборот ми е – што, белки на сличен начин, би рекол д-р Литовски – оној што ја „контролира“ историјата, најчесто ја владее и иднината. Звучи ветво, ама не мора да е неточно. Затоа, веројатно, и во оваа историска фаза на зацврстување на македонската државност во јавноста постои зголемен интерес за интерпретациите на македонското минато.

За среќа – или е тоа само една упорна надеж? – сега можеме да пристапиме кон преживарско дигестирање на нашето минато на еден поеманципиран, поопуштен начин, веројатно и заради фактот што историските идеи на профашистичката политичка прагма на еден Ванчо Михајлов во Македонија одамна се поразени.

Па, што и ако не се, повторно уредно ќе си ги „намачкаме на леб“!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...