„Оваа зграда зборува (на)вистина“ го отвора 44. Млад отворен театар

51

Во Младинскиот културен центар вечерва од 20 часот ќе биде отворен 44. Млад отворен театар со македонска премиера на уметничкиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“ на Филип Јовановски, кој летово ја освои главната награда „Златна трига“ на 14. Прашко квадриенале за перформанс, дизајн и простор.

Проектот е составен од три дела (перформанс со актерката Кристина Леловац, кратко видео насловено „Кино Култура“ и двојазична публикација), а предмет на проектот е Железничката зграда во Скопје како симбол на заедништво и солидарност.

Се работи за станбената зграда спроти Градежниот факултет која била градена од 1934 до1946 како периметарски блок за колективно живеење на вработените во Железницата на Југославија. Зградата, во која сега има 74 станови, на времето имала и сопствено кино каде што филмови заедно гледале и до 400 деца. Идејата за проектот што во 2015 почна на иницијатива на здружението Факултет за работи што не се учат е да се зачуваат од заборав и игнорирање трагите од некогашното заедништво и да се нагласи и зачува значењето на јавното и јавниот простор.

Железничката зграда на годинашниот МОТ ќе биде промовирана и како нова сцена, каде што до крајот на фестивалот (21 септември) ќе има два настана – хрватската претстава „Сè е во парите“ и работилницата „Orbis pictus – Оди и види“.

Проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ ќе биде уште двапати изведен на МОТ – на 15 септември од 12 часот и на 16 септември од 18 часот. Потоа ќе гостува во Нови Сад, во придружната програма на БИТЕФ.

На првата фестивалска вечер на програмата на МОТ е и македонско-словенечката претстава „Девојчето со жиците“ која од 22 часот ќе биде изведена на малата сцена во Националната опера и балет. Се работи за драма-опера напишана од Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска – за виолинистка која патува со воз низ Европа.

– Референцата по Андерсеновата „Девојчето со кибритчиња“ е на повеќе нивоа. Нестабилната економска ситуација, комплицираниот однос со неуспешниот татко, потрагата да се најде своето место во модерна Европа, постепено прераснува во позиција на социјална ексклузија зацврстена со бодликава жица, ѕидови и генерални рестрикции – приказната е потсетник на позицијата на многу надарени индивидуалци, кои во моментов бараат засолниште за целосно да ги развијат своите потенцијали… – наведува МОТ во најавата за претставата.

На 44. Млад отворен театар ќе има шеснаесет претстави, од кои осум се гостински, како и пет придружни настани. Покрај на шест сцени во Скопје (МКЦ, НОБ, Кино Култура, Железничка зграда, Драмски театрар и Театар Комедија), една претстава ќе се игра на сцената на театарот „Џинот“ во Велес.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...