„Просторот во кој сакаат да ги преселат нашите деца, не е ниту безбеден, ниту функционален и ние ако треба и со жив ѕид ќе го браниме уривањето на постојниот центар додека не ни се понуди адекватно и трајно решение за нашите деца“, вели Марина Билбиловска, претседател на здружението на родители на деца со церебрална парализа.
Според родителите, дел од новопоставените прозори во објектот кој се адаптира од општина Центар се без надпрозорни греди, а исто и новопоставените врати во внатрешноста на објектот, како и оџаците кои наместо да се отстранат, со оглед на тоа што во објектот би требало да има централно греење, се оставени и дополнително влијаат врз безбедноста на објектот.
„По нашето барање за увид и мислење од страна на ИЗЗИС, од општина Центар добивме мислење кое нема ниту потпис ниту печат, па го сметаме за невалидно и инсистираме ИЗЗИС да ја гарантира безбедноста на објектот во кој треба да се сместат нашите деца бидејќи тие се се што имаме. За да не се добие погрешен впечаток, ние како родители не бараме ништо посебно, бараме само безбедност за нашите деца и трајно решение, наместо половични и површински алтернативи. Нашите деца минуваат во Центарот поголем дел од денот и сакаме да бидеме сигурни кога ги оставаме таму дека тие се навистина во безбеден и функционален простор. Што се однесува до изјавата од страна на општината дека во просторот кој се адаптира биле поставени рамки, морам да кажам дека е тоа исто како да ви кажат дека во училиштето во кое учат вашите деца, се направени училници.
Накусо, да се постават рамки за држење, е основното и првото нешто што треба да се направи за нашите деца, кои се деца со попреченост, а не нешто што треба да се нагласува како гаранција дека е направено се. Ние се обративме кај сите кои би можеле да ни помогнат да го решиме проблемот со сместувањето на нашите деца, но ако треба ќе бараме и средба со премиерот и одговор и гаранција дека вака адаптиран објек ја гарантира безбедноста на нашите деца. И за крај, нашите деца не одат во Центарот за да се забавуваат и да се рекреираат, туку добиваат третман и рехабилитација според принципите на Марија Монтесори“, завршува госпоѓа Билбиловска.