Објавен романот „Прашај го тато“ од Јан Балабан

87

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје го објави романот „Прашај го тато“ на чешкиот писател Јан Балабан, во превод од чешки јазик на Донка Роус и Даниела Роус Мишевска.

Романот е награден со најпрестижната книжевна награда во Чешка – „Магнезија литера“ за најдобра чешка проза во 2011 и со Книга на годината во Чешка, 2011 година. Романот е речиси автобиографски и пророклив. Кога авторот го завршува пишувањето на романот, завршува и неговиот живот. Раскажувањето е потрага и самопотрага, за времето што поминало и за иднината што ја претчувствува… Мачниот и депресивен тон во раскажувањето е само привиден, зашто овде се открива нишката која ги менува односот и сознанието за суштината на животот. Балабан пишува со смирен и раскошен поетски јазик.

Јан Балабан (1961 – 2010) е познат чешки писател, преведувач, новинар и публицист. По завршувањето на студиите работел како технички преведувач во Витковицките железарници, а од 2000-та година работел како слободен преведувач и писател. Освен белетристика објавувал и разни текстови во весници и списанија, а пишувал и рецензии за ликовна уметност.

Автор е на книгите со раскази „Среден век“, 1995, „Божјо јаже“, 1998, „Распуст“, 1998, „Можеби заминуваме“, 2004, на новелата „Црн овен“, 2000, на романите: „Срцето на змејот“, 2001, „Каде одеше ангелот“, 2005, „Тука сме“, 2006, романот „Прашај го тато“, 2010, кој беше прогласен за книга на годината во анкетата на „Лидове новини“ и награден со „Магнезија литера“ во 2011 година, како и на драмата „Ветерни мелници“, 2009.

Јан Балабан е еден од најпознатите писатели во современата чешка литература. Уште при неговиот живот е нарекуван „најдобриот современ чешки писател“. Има специфична раскажувачка постапка, при што на обичните настани и нешта им дава посебна тежина. Кај него е посебно препознатлив начинот на кој ги раскажува приказните и настаните и токму начинот на раскажување остава посилна импресија отколку приказната што ја раскажува.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...