На 30. септември Вие ќе ја имате можноста да направите историски избор. Дали сакате да го отворите патот за членство на вашата земја во НАТО и во ЕУ со тоа што ќе го поддржите договорот со Грција? Ние, Охридската група, ве повикуваме да кажете Да.
Ние сме група на искусни меѓународни државници, дипломати, армиски припадници и мислители кои биле длабоко инволвирани во помагањето на вашата држава во последните дваесет години. Многу од нас беа со вас во раните години на овој век, вклучително и во преговарањето на Охридскиот договор и бевме дел од последователните операции на НАТО. Ние сме горди што можевме да помогнеме во надминувањето на проблематичните времиња. Сите ние оставивме мал дел од нас во вашата убава земја, и затоа сега сите ние сакаме да Ве видиме како одите напред во подобра иднина која Вие ја заслужувате.
Во средината на јуни оваа година, владите на Зоран Заев и на Алексис Ципрас постигнаа историски договор во врска со проблемот со името и со тоа потенцијално го затворија спорот што се провлекуваше премногу долго. Следствено на тоа, ЕУ и НАТО го препознаа успехот и Ви упатија покани да им се придружите доколку Вие, како нација, го поддржите договорот со Грција. Вашиот Парламент изгласа одржување на Референдум на 30. септември кога Вие ќе имате можноста да ја покажете таа поддршка.
Ние на ова гледаме како на „Сега или никогаш“ момент за Вашата земја, за Вас, и за иднината на Вашите деца. Вашата влада и грчката влада не преговараа како довчерашни ривали туку како утрешни пријатели. Многу од нас се сеќаваат на лошите денови на Западниот Балкан од 1990 години кога преовладуваа етничките ривалства, насилството и недовербата. Економскиот и социјалниот прогрес беше запрен. Тие денови мора да останат во минатото.
Членството во НАТО нуди безбедносна гаранција која што го овозможува тоа. Членството во ЕУ ќе донесе економски развој, зголемени инвестиции, работни места и пристап до европски програми кои ќе го подобрат Вашиот живот. Со членството во двете организации Вие ќе бидете дел од западноевропското семејство на нации кои се фокусирани на иднината, и тоа е она што вистински е важно за луѓето, наместо старите битки и ривалства кои припаѓаат на историјата.
Вашата влада и грчката влада преговараа како вистински демократски влади кои имаат длабоко почитување за човековите права, владеењето на правото, слободните медиуми и останатите фундаментални европски вредности. Токму затоа тие можат да си веруваат една на друга и да постигнат договор кој беше многу тешко да се најде во минатото.
Тоа се вредностите за кои сте повикани да ги поддржите кога ќе гласате на 30. септември, вредности кои се втемелени во ЕУ и НАТО. Гласот „за“ не го решава секој проблем, вклучително и со ЕУ, но го трасира патот, ве поставува на чисто патување, со јасна дестинација и со оправдана доверба дека ќе стигнете таму на крајот.
Вашата земја можеби е мала, но има горда историја. Сте воделе различни битки. Но, вашите идни напори треба да бидат насочени кон обезбедување на подобар живот во годините кои следуваат пред Вас.
Вие заслужувате повторно да учествувате на многу поголема сцена, за Вашите граѓани да видат како нивните таленти обезбедуваат просперитет и можности како дел од европскиот мејнстрим.
Ова е тој „Сега или Никогаш“ момент. Гласањето „за“ ќе биде глас за иднината: Вашата иднина. Тоа е Ваш избор, и Ве повикуваме да го искористите.