Образец за приземјување

Бидејќи епохата на Груевски е завршена, еден безвезен, третолигашки мит за „големата мисија“ на „светиот македонски народ“ конечно тресна од бетонот на реалноста, многу консументи на таквиот мит експресно извлекоа консеквенции.

244

Една од најординарните митолошки интерпретации за „капиталистичкиот Запад“, која овде секој еден повеќе-помалку ја собира уште во кратки панталони, како и со првото откривање за „широкиот свет“ што постои таму некаде, далеку од нашата идилично-историска промаја, се оние луѓе што постојано гледаат на часовникот, оти се – како робови во вечниот циклус на производство, продажба и потрошувачка – секогаш во трчање со хипертрофираните обврски; нивната девиза е „времето е пари“, а парите се, пак, божество на кое се му е подредено.

Кај нас работите функционираат обратно, линеарниот проток на време е радосно укинат затоа што е декадентна појава што се коси со нашиот традиционален „дух“, така што времето во мирни периоди стои или едвај се мрда, а во бурни времиња, богами, безглаво се движи назад кон „славното македонско минато“, трча кон она место на кое се наоѓа нашата „традиционална автентичност“, место кое ќе ни даде снага за нови подвизи: не бараме ништо ново, само славната земја Македонија, ние нејзините прастари чеда.

Глупави поетики

Имено, за вака доживеано „митско време“, препеано низ разни глупави македонски поетики, слободно може да се каже: тоа е „сето време“, вечна сегашност и во простор од „сето време“ патуваат луѓе што „сето време“ ги среќаваме на улици облечени во средновековни „железарии“ или, дури, во менталниот склоп се форматирани како пагански прасловени (прамакедонци!), или кој било друг митско-историски привид на кој може да се сетите. Што сакам да кажам? Во таков свет, почитувани, улогите на луѓето се црно-бели (како што се улогите на секоја замислива и незамислива приказна), еднаш засекогаш поделени и доделени, а злото – секогаш вреска од истиот извор – вечно одново се дига од пепелта само за да успее повторно да тресне некого по задникот. Или по главата, сеедно.

Немој да мислите дека овие „филозофски“ лупинзи немаат непосредна врска со нашето секојдневие, о, не… Слабо информираниот „македонски“ современик денес би се ужаснал колку денешните Македонци лесно го комбинираат екстремно митскиот и радикално прагматичниот третман на времето. Taка, да речеме, граѓанинот „Миле Стамаџиски“ од Скопје, во отворена емисија зборува за себе дека не е фашист, односно се бранеше на емисија од титулата дека е фашист: дури, во своето излагање рече дека Македонија учествувала во НОБ, односно била на страната на партизаните. „Го ризикувавме нашиот живот за да се одбраниме од Германците“, беседеше Миле зад телефонската слушалка. Сиротиот граѓанин Миле, не може да сфати дека ваквиот фрагмент – инаку стандардно конфузен и патоген денунцијант на „фашизмот“ во еден извитоперен митски образец: пази богати, единствена негова асоцијација е дека штом била Македонија со „партизаните“, односно дека Македонија била на исправната страна, па оттука со сигурност Миле не може да биде фашист? Се разбира, тоа ништо не значи, тој може да биде „совршен фашист“.

Од друга страна, во митската свест нема проток на време – баш како што нема ниту „индивидуализација и карактеризација на личности“ – затоа нема добар и квалитетен фашизам без подлегнување на аисторискиот стереотип и на митското деиндивидуализирање на човекот: секој ја игра однапред зададената улога, а непријател се станува уште од раѓање, затекнат во „погрешен“ колективитет; и токму вака е и мора засекогаш вака да биде: оној што ќе рипне од споулавениот воз на една нарушена имагинација, таквиот се испишал од „нашата митска нарација“, или што би рекол Сиоран „паднал во историја“.

Експресно отпишување

Потрошувачите на шунд-митологија, имено, умеат и да бидат сосема свесни за протокот на времето кога им одговара. Бидејќи епохата на Груевски е завршена, еден безвезен, третолигашки мит за „големата мисија“ на „светиот македонски народ“ или наречете го како сакате – конечно тресна од бетонот на реалноста, многу консументи на таквиот мит експресно извлекоа консеквенции. И ден-денес постојат луѓе – а тоа ниеден весник или портал нема да ви го каже – работници и граѓани „прогледаа“ така што се отпишаа од ДПМНЕ: име, презиме, година на раѓање, професија и фирма, датум на отчленување/отпишување. Немате појма колку многу Груевци имаа „кафекуварки“ – и сите беа од ДПМНЕ. И сите се отпишаа за еден ден… Фигуративно зборувајќи. Но, добро, тие кутри и немале некаков избор. Но, затоа е импресивна количината на директорчиња, раководителчиња на ова или она, управници, началници, шефови, шефици, лекари, професори, „угледни јавни работници“ по општа пракса и останата чиновничко „клиентелистичка“ боранија, сфаќајќи дека Македонија се враќа на својата матична планета, резервираа место за меко приземјување, а тоа нема да може без ритуално откажување од претходниот идентитет.

А можеш да се кладиш во што сакаш дека многу луѓе од сите тие ликови (јавно се трескаа во гради) и докажуваа дека се наоѓаат на „вистинската страна“ и кои ќе го научат светот кои се вистинските праведници. И многу од нив навистина поверуваа во таквите глупости, душички што Груевски ги породи или, поточно, ги исфрли надвор, создавајќи од нив стари и истрошени реторички мирудии, вклучително и сите оние приказни за „ние“ и „тие“, сите оние приказни за историските неправди, малограѓански површно тие „слоеви“ веруваа во она што е доминантен вокабулар на едно лудачко време.

И дојде 15 октомври 2017 година и тие трас! Па прогледаа! Како кај Хармс! Каков фасцинантен спој на „источњачка“ избезуменост и „западњачка“ прагматичност! Митот е, имено, мит, ама газот е газ: во фотелја му е најудобно!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...