Руски патнички авион принудно слета во поле во близина на аеродромот Жуковски набрзо по полетувањето од Москва откако птици удриле во моторите на леталото. Во инцидентот повредени се 23 луѓе, соопшти авиокомпанијата „Урал Ерлајнс“.
Во авионот имало 234 патници и членови на екипажот.
Според соопштението од „Урал Ерлајнс“ авионот полетал од Москва за Симферопол кога птици улетале во двата мотора, по што се изгаснале, а авионот слетал еден километар од пистата.
Директорот на „Урал Ерлајнс“, Сергеј Скуратов наведе дека слетувањето било адекватно, а авионот не бил зафатен од оган, а патниците се евакуирани.
На лице место се испратени 20 екипи на итната помош, а ангажирани се и два хеликоптера.