Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски, ексминистрите за транспорт и врски Миле Јанакиески и за труд и социјална политика Спиро Ристовски, се лицата кои се приведени на распит како осомничени под сомнение дека се дел организаторите на упадот во Собранието.
Меѓутоа, најновите информации се дека Вељановски веќе си замина од судот бидејќи е актуелен пратеник и има имунитет. За да се спроведе распитот, а потоа и да има одлука за притвор, како што бара обвинителството, пратениците во Собранието треба да му го одземат имунитетот.
Во истрагата осомничени се уште две лица, според неофицијални информации, тоа се експремиерот Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, и Никола Бошковски поранешен вработен во Тајната полиција, кој, пак, е во бегство во Грција, а е осомничен од СЈО за прислушувањето.
Од обвинителството објавија соопштение за истрагата, но официјално не соопштуваат идентитет на осомничените.
Отворањето на истрагата е непостредно пред завршувањето на судскиот процес за 27 април, во кој беа опфатени 33 лица, а по амнестијата останаа само 17. Утре за овој случај треба да дадат завршни зборови четворица обвинети, меѓу кои и Александар Василевски Нинџа кој отворено ги посочи сега осомничените, како и други лица, дека биле во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април и координирале.