Обновена соработката во одбраната со Грција

85

Делегација од Министерството за одбрана на Грција предводена од комодор Мајкл Наум во Скопје одржа штабни разговори со експертски тим од Mинистерството за одбрана, предводен од полковник Зоран Секуловски. Притоа, се разговараше за продлабочување на соработката во одбраната меѓу двете земји, која, како што било оценето, изминатите четири години била на скромно ниво.

Унапредувањето на соработката, како што соопшти Министерството за одбрана, било иницирано од министрите за одбрана на двете земји, Шекеринска и Апостолакис, на средбата минатиот месец во Брисел.

Тимот од Грција денеска беше примен на средба кај вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, која изразила задоволство од подготвеноста на одбраната на двете земји, да покаже на дело дека Договорот од Преспа ги отвора можностите за соработка, во интерес на граѓаните.

– Одлука на двете влади е да ја засилиме соработката, да ги промениме односите меѓу двете земји и да им додадеме содржина и пријателство. Отворената и динамична дискусија за продлабочување на соработката на двете делегации покажува дека Армиите се први кои одговорија на политичкиот повик да ги отворат можностите за соработка во интерес на граѓаните од двете држави – соседи. Каналот на соработка е отворен, мораме да го надоместиме изгубеното време, потенцирала на средбата  министерката Шекеринска.

Комодор Мајкл Наум, во име на грчката делегација, истакнал дека штабните разговори не се бирократски, туку суштински процес на унапредување на соработката во одбраната. Тој рекол и дека грчката Армија е подготвена да ги реализира плановите за продлабочена соработка со Армијата на Република Северна Македонија, по насока на министерот Апостолакис, а во интерес на двете соседни земји. Потенцирал и дека потенцијалот за соработка е огромен.

-Штабните разговори на експертските тимови се првиот чекор во интензивирањето на соработката во одбраната со Грција. Засилената соработка беше иницирана минатиот месец, од министрите за одбрана на двете земји, Шекеринска и Аполстолакис, кои се сретнаа во Брисел на маргините на состанокот на Северноатлантскиот совет, велат од Министерството за одбрана.

Од Министерството додаваат дека двајцата министри се согласиле дека соработката ќе биде интензивирана на билатерален, регионален план и во рамките на НАТО. По таа средба, министерката упатила покана до својот грчки колега Апостолакис која се очекува набрзо да се реализира. Тоа ќе биде прва официјална средба при официјална посета, на министри за одбрана на двете земји, по 16 години

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...