Обвинителството бара докази за злоупотреба на ПИ – мерки, сослушани четворица сведоци

167

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција презема дејствија во предистражна постапка за откривање сторители и обезбедување докази, а во врска со протекување на материјал од посебни истражни мерки откако добило изестување од МВР.

Во текот на вчерашниот ден биле повикани четири лица, вработени во Министерството за внатрешни работи, во својство на сведоци.

Лицата, вели ОЈО, уредно се одзвале на поканата и дале свои искази пред јавен обвинител од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

„ Во текот на месец јануари оваа година во одредени медиуми е објавена снимка која е материјален доказ прибавен со примена на Посебни истражни мерки. Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на одговорните лица и расветлување на настанот го анализираше објавениот материјал, по што го извести обвинителството за понатамошно постапување. Надлежниот обвинител ги повика лицата што во времето на спроведување на мерката во 2014 година биле одговорни за истата, ги сослуша и им ги одзеде мобилните телефони. Донесена е Наредба за вештачење на четирите одземени телефони, а воедно во наредниот период ќе бидат повикани и други лица во насока на расветлување како е дојдено снимката да биде објавена во медиуми, информира ОЈО.

Посебните истражни мерки спаѓаа во класифицирани информации со законски одреден степен на класификација „Строго доверливо“ и секое нивно објавување претставува кривично дело „Оддавање на службена тајна“ предвидено и казниво по член 360 од Кривичниот законик.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...