Во Кривичниот суд во Скопје денеска ќе се одржи рочиште за случајот за обидот за убиство на лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, при упадот во Собранието на 27 април лани. Обвинети се седум лица, а на денешното судење обвинителот Дарко Јакимовски и адвокатите на обвинетите треба да ги дадат завршните зборови.
Во овој случај, првично беа обвинети десетмина, но обвинителството пред да се започне со завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.
За двајца, Стојан Павлески и Цео Горгиевски, пак, направи преквалификација од обид за убиство во насилство, по што судот ја раздвои постапката за нив. По преквалификацијата, двајцата признаа вина, а судечкиот совет ги осуди на затворски казни од една година и два месеци по Цео Горгиевски и три години по Стојан Павлески.
По ваквиот расплет, на обвинителна клупа за обид за убиство останаа Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.