Веќе се обезбедени бесплатни вакцини за приближно 1500 здравствени работници а се прават напори да се обезбедат дополнителни количини на бесплатна вакцина против грип за граѓаните, информираат од Министерството за здравство, но не прецизираат дали и кога во земјава ќе пристигнат новите дози вакцини.
Во врска со тоа дали населението смее сè уште да прима вакцина против грип, ако стасаат нови дози, со оглед дека се зголемува бројот на заразени од ова заболување – веќе се пријавени повеќе од илјада грипозни, д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје, појаснува:
– Вакцината против грип може да се прими во кое било време, пикот во Македонија се очекува кон крајот на јануари и во текот на февруари, затоа не е доцна за вацинирање, напротив – тврди д-р Микиќ.
За некој да се стекне со имунитет против ова заразно заболување, треба да поминат две до три недели од примањето на вакцината.
Инаку, за оваа сезона беа набавени вкупно 28 илјади бесплатни вакцини, наменети за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, бремени жени, како и здравствени работници.
Вон овие бесплатни вакцини, Центрите за јавно здравје набавија и 21.000 комерцијална вакцина, кои брзо беа потрошени.
Според изјавите на Филипче во ноември минатата година, „најавената донација вакцини е од Центарот за истражување во САД преку една нивна фондација и ако е потребно, ќе стигнат во нашата земја“.