Обединета албанска опозиција е невозможна мисија

Од многуте позиционирања јасно е дека речиси е невозможно да има соработка на повеќе од две партии на Албанците, Алијансата на Села се отцепи од ДПА на Тачи и тука дружба нема, исто како што Беса се подели на две партии - Беса на Касами и Алтернатива на Гаши, кои засега е невозможно да соработуваат.

805

По договорот предвремените парламентарни избори да се одржат на 12 април догодина и јасната слика во македонскиот блок дека повторно главните ривали во изборниот процес ќе бидат СДСМ со коалицијата и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, во албанскиот политички блок во моментов ништо не е прецизирано и јасно.

Ваквата слика донекаде се должи и на актуелното учество на ДПА и на Алтернатива, кои иако не остварија значителни резултати на последните парламентарни избори, се дел од владината коалиција. ДПА влезе во владата на Зоран Заев по заминувањето на Алијансата за Албанците на Зијадин Села, додека Алтернатива се приклучи на власта по разводот од Беса.

Од една страна, нејасно како ќе се позиционираат ДПА и Алтернатива пред претстојните парламентарни избори. Дали на избори ќе одат сами, ќе се приклонат кон владеачката ДУИ или кон опозициските Алијанса за Албанците и Беса.

Од друга страна, прашање е дали опозициските партии конечно ќе успеат да се обединат во предизборен блок и на избори заеднички да атакуваат на ДУИ. Досега опозициските партии на Албанците не успеаја да се обединат во предизборна коалиција.

Барем како што засега стојат работите, обединувањето на албанската опозиција и за изборите на 12 април е невозможна мисија.

Од разговори со партиите сите велат дека се отворени за соработка, дека допрва ќе почнат преговорите за евентуална соработка, но и секоја од партиите испорачува свои услови која партија е пожелна или не во евентуалната предизборна коалиција.

Алијансата за Албанците смета на коалиција со Беса на Билал Касами и со Алтернатива на Африм Гаши. Ако тоа не е можно Алијанса би настапила заедно со Беса, но тие да се носечкиот столб на коалицијата. Села во никој случај не би одел во коалиција со ДПА на Мендух Тачи.

– Постои расположение за соработка со сите партии кои се заинтересирани да донесат промени. Беса и Алтернатива треба да ги остават меѓусебните недоразбирања за опозициските партии да настапат заеднички на изборите. Алијансата е столбот кој ќе ја води битката на изборите – велат од Алијансата за Албанците.

Беса игра на картата за коалиција со Алијансата на Села, но без Алтернатива. Од таму велат дека Алтернатива додека биле една партија – Беса, ги продала мандатите и влегле во владата, па и сега кој би гарантирал дека доколку соработуваат, повторно не би тргувале со мандатите. Од партијата на Касами велат дека доколку Алијансата на Села цени дека Алтернатива е побитен партнер, тогаш нема да коалицираат со Села.

Од Беса велат ако Села им ја подметнува Алтернатива, тогаш тие ќе инсистираат дел од коалицијата да биде ДПА на Тачи.

Од ваквите позиционирања јасно е дека речиси е невозможно да има соработка на повеќе од две партии на Албанците, Алијансата на Села се отцепи од ДПА на Тачи и тука дружба нема, исто како што Беса се подели на две партии – Беса на Касами и Алтернатива на Гаши, кои засега е невозможно да соработуваат.

ДПА допрва ќе решава како ќе настапи на изборите. Карактеристично за партијата на Тачи е дека на речиси сите досегашни парламентарни избори одела сама. Но, останува отворено прашањето дали по владината коалиција со Ахмет и со Гаши може на изборите да трчаат заедно.

Ни од Алтернатива не прецизираат дали ќе одат сами или за изборите ќе соработуваат со некоја од партиите. Од таму се децидни дека не одат во коалиција во која е Беса, но не откриваат дали би соработувале со Ахмети или со Тачи.

Според моменталното позиционирање на партиите од албанскиот политички блок, на претстојните парламентарни избори можни се следните комбинации:

ДУИ како владеачка партија сама да истрча на изборите; ДУИ заеднички да настапи со Алтернатива и/или со ДПА.

Алијансата за Албанците да оди сама; Алијансата да настапи заедно со Беса; Алијансата да настапи со Алтернатива.

Беса да оди сама; Беса со Алијансата; Беса со ДПА.

ДПА да оди сама; ДПА со ДУИ и/или со Алтернатива; ДПА со Беса.

Алтернатива сама; Алтернатива со Алијанса; Алтернатива со ДУИ и/или ДПА.

На последните парламентарни избори сами настапија ДУИ и ДПА. Алијансата за Албанците беше во коалиција со Беса и со НДП на Весел Мемеди.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...