Jавното обвинителство има капацитет да постапува по сите предмети, иако не располага со ресурсите што ги има Специјалното јавно обвинителство во делот на материјално финансиската состојба и кадровска пополнетост, вели во интервју за МИА Бодан Лазаревски, јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија – координатор за односите со јавноста во јавните обвинителства.
Тој додава дека предметите на СЈО од страна на јавноста се следат со посебен интерес и оти ЈО го почитува тоа.
– Токму затоа, постапувањето во такви предмети подразбира и поголема отвореност и тоа претставува дополнителен товар, но свесни за потребата ќе се соочиме и тоа за нас не е пречка. Напротив, токму обезбедувајќи транспарентност во постапувањето и по вакви предмети, јавното обвинителство ќе ѝ покаже на јавноста дека ние сите сме обвинители и сите работиме по исти закони, дека разлики нема – вели Лазаревски.
На прашање во врска со стандардот за отвореност кон јавноста што го постави Специјалното јавно обвинителство, обвинителот Лазаревски одговара дека всушност законскиот и професионалниот стандард е некаде помеѓу премногу големата отвореност кон јавноста и целосната затвореност кон јавноста.
-Сметам дека желбата за поголема отвореност кон јавноста не смее да подразбира загрозување на правата на лицата инволвирани во постапките или нарушување на правото на приватност и на пресумпцијата на невиност. Исто така, непрофесионално е да ја „водите“ кривичната постапка преку медиумите и да креирате јавно мислење кое потоа сакале или не ќе има влијание врз носење на одлуките, посочува тој.
Во интервуто за МИА што целосно ќе го објавиме утре, Лазаревски одговара и на прашања во врска со предметите за бегството на Груевски, за вакцините, за пензискиот фонд, за АКМИСОТ, за малата доверба на јавноста кон ЈО, како и за тоа дали ЈО ќе го поднесе товарот на јавниот интерес со евентуално преземање на предмети од Специјалното јавно обвинителство.