Обвинител бара притвор за дадилката која малтретирала близначиња, мајката ја открила со камерите во домот

Мајката на децата во домот поставила безбедносни камери и при прегледот на видео записот го забележала малтретирањето и однесувањето кон децата, по што поднела кривична пријава.

707

Скопското обвинителство отвори истрага за дадилката која е осомничена дека малтретирала две близначиња на возраст од три години.

Мајката на дечињата ја пријави дадилката во полиција пред два дена, по што таа беше приведена во станица, а денеска од ОЈО Скопје соопштија дека отвораат истрага и бараат притвор поради опасност од бегство, повторување на делото и влијание врз сведоците.

„Во временскиот период од 1 до 27 ноември, осомничената ангажирана за негување и чување на две деца на возраст од три години, грубо ја запоставувала својата должност за грижа и воспитување и ги малтретирала. Имено, таа постојано им викала и ги навредувала без причина, но и физички ги напаѓала со удари по главата и кубење на косата. Мајката на децата во домот поставила безбедносни камери и при прегледот на видео записот го забележала малтретирањето и однесувањето кон децата, по што поднела кривична пријава“, наведуваат од обвинителството.

Ова е втора дадилка за краток период која завршува во притвор и е под истрага откако претходно безбедносните камери открија уште една како малтретира дете во скопски Аеродром. И таа дадилка се наоѓа во притвор.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...