Обвинителство: Годишните одмори не се одразуваат на истрагата за „Рекет“

313
Јавното обвинителство ја известува јавноста дека снимките објавени во еден италијански медиум поврзани со предметот „Рекет“ не се добиени од обвинителството.

„Станува збор за аудио и видео материјали кои се дел од доказната постапка во предметот и кои до јавното обвинителство беа доставени од сведок во предметот.

Јавното обвинителство во предметот постапува професионално и неселективно. Притоа се проверуваат сите индиции и сите аспекти. Истражната постапка е во тек и јавниот обвинител презема истражни дејствија за да се обезбедат доказите и да се утврди фактичката состојба според подготвен план кој обезбедува целосно истражување на случајот. Доколку во текот на истрагата бидат утврдени елементи на други кривични дела или други сторители, постапката ќе биде проширена, а јавноста за тоа веднаш ќе биде известена. По целосно завршување на истрагата ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, се наведува во соопштението од ЈО.

Оттаму нагласуваат дека годишните одмори не се одразуваат на водењето на истрагата. Во периодот кога дел од јавните обвинители користат годишен одмор назначени се обвинители кои ги заменуваат, како и истражители кои секојдневно активно работат на предметот. Функцијата на јавното обвинителство се извршува непречено.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...