Скопското обвинителство ја отфрли кривичната пријава на Финансиската полиција за несовесно работење во службата против поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, нејзиниот заменик Драган Недељковиќ и против раководител на секоторот за финансиски прашања во министерството.
Обвинител вршел распит, вештачења и барал докази, но на крај донел решение дека нема основ за сомнение дека пријавените сториле кривично дело кое се гони по службна должнот, и ја отфрлил пријавата.
„Во пријавата се наведуваше дека тројцата пријавени во периодот од јули 2009 до февруари 2017 година, со пропуштање должен надзор несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности. Притоа, тие спротивно на Законот за трговски друштва, според кој странски друштва не можат да вршат дејност на територијата на државава се додека не организираат подружница, примиле фактури од странски правен субјект „Светлост театар“ ДОО Белград, во кои незаконски бил вкалкулиран данок на додадена вредност од 18 отсто. На овој начин била извршена исплата во странство врз основа на 11 договори за извршување на услуги, стоки и работи реализирани во државава, при што Управата за финансиска полиција проценила дека била нанесена штета на Буџетот во износ од 2.770.640 евра“, потсетуваат од обвинителството.
Обвинител ги повиканл на распит, а бил направен и увид во ревизорските извештаи за работата на Министерството за култура за наведените години и во нив не констатирал неправилности. Дополнително, велат од обвинителстово, целокупната документација за исплатите одела и до Министерството за финансии и до Народната банка, преку која се вршела исплатата кон странство, и од каде во ниту еден момент не биле констатирани неправилности.
„Од страна на Бирото за судски вештачења беше изготвено и економско-финансиско вештачење со кое се утврди дека за извршување на договорените работи со Министерството за култура, претпријатието „Светлост театар“ основало подружница во земјава. Материјалите кои како изведувач требало да ги вгради се увезувале од матичната компанија, а увозните декларации гласеле на име на подружницата. При увозот бил пресметуван ДДВ кој бил плаќан од страна на подружницата како увозник. Вештото лице констатирало дека фактурите доставувани од „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија до Министерството за култура биле искажани во евра со посебно искажан ДДВ и со наведена сметка на која треба да биде исплатена сумата“, објаснуваат од обвинителството.
Притоа, додаваат оттаму, функцијата на подружницата не била реализирана во целост, со оглед на тоа што фактурите биле изготвувани и доставувани од страна на матичната компанија, наместо од подружницата. На овој начин е создаден неправилен тек на парите.
„Меѓутоа, со исклучок на определени веќе констатирани неправилности од Управата за јавни приходи во пресметаниот ДДВ на подружницата за извршените работи, други неправилности не се утврдени. За констатираното од УЈП се составени записници, врз основа на кои се изготвени решенија со кои подружницата била задолжена со ДДВ во точен износ и тој износ веќе е наплатен. Со самото тоа не постои штета на Буџетот на државата, ниту каква било друга штета, утврди вештиот наод и мислење“, велат од обвинителстовото.