Обвинителството ја отфрли кривичната на Тодор Петров против Заев и Димитров за името

240
Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Скопското обвинителство ја отфрли кривичната пријава од Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров против премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров за повеќе кривични дела кои ги направиле со склучувањето на Преспанскиот договор. Пријавата се однесуваше на повеќе дела: повреда на угледот на државата; излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците; велепредавство; загрозување на независноста; здружување заради непријателска дејност; несовесно вршење на службата и самовластие.

„Во пријавата се наведува и дека тие сториле и кривични дела терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и злоупотреба на службена положба и овластување за кои, согласно законската надлежност, претходно се произнесе Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, потсетуваа од обвинителството.

По проучување на наводите во пријавата, обвинителот утврдил дека во дејствијата на пријавените не се содржани битни елементи на наведените кривични дела.

„За да може водењето на преговорите за промена на името на државата во кривично-правна смисла да се смета за повреда на угледот на државата и излагање на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците, потребно е кај пријавените да постои јасно утврдена намера насочена кон потсмев, омаловажување и обезвреднување на Републиката. Во Преамбулата на Спогодбата, двете страни потписнички се обврзуваат на почитување на начела, принципи и стандарди кои се меѓународно прифатени, а со цел решавање на разликите околу името и зацврстување на добрососедските односи. Притоа, намерата за исмејување, како посебен субјективен елемент на противправноста не е содржана во дејствата на пријавените“, велат од обвинителството.

За кривичното дело велепредавство, наведуваат, може да му се стави на товар на некое лице единствено ако со употреба на сила или сериозна закана се обиде да го измени уставниот поредок на државата или да ги собори највисоките државни органи. Заев и Димитров, според обвинителството, не примениле сила, ниту сериозна закана како средство за изнудување определена одлука или поведение.

Кога станува збор за загрозување на независноста, при потпишувањето на Договорот, двајцата, проценило обвинителството, не биле ниту под влијание, ниту пак имале помош од државата кон која нашата земја би се довела во потчинетост или зависност, што се клучни елементи на битието на ова кривично дело.

Исто така, констатирано е ека Заев и Димитров немале заговор за вршење велепредавство или други кривични дела, па со самото тоа не постојат ниту елементите на кривичното дело здружување заради непријателска дејност.

„Во однос на кривичното дело несовесно работење во службата, потребно е од страна на службено лице да бидат преземени дејствија кои претставуваат повреда на законските прописи за судир на интереси или за совесно постапување при вршење дискреционо овластување, со пропуштање должен надзор , со што се прибавува корист за себе или друг или пак на друг ќе му биде нанесена штета. Во овој случај не може да стане збор за постоење намера за прибавување корист или нанесување штета, односно ваквите наводи во пријавата се базираат на претпоставки на пријавителот за кои нема можност за докажување. Кривичното дело самовластие од член 392 став 1 од Кривичниот законик, пак, се гони по приватна тужба и за ова дело јавниот обвинител не е овластен тужител“, посочуваат од обвинителството.

Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...