Обвинителството тврди: Од Центар неколку години не ни доставуваат документи за катната гаража

511

Барокната катна гаража од проектот „Скпје 2014“ на Никола Груевски, која треба да се гради кај „Авто Македонија“ од инвеститорот „Никофон“ неколку дена ги разбранува скопјани кои сакаат да го зачуваат земјиштето, а и општинските власти ги прозваа обвинителите дека молчат.

Од Основното јавно обвинителство – Скопје, пак, денеска излегоа со реакција во која посочуваат дека претставници на Општината неколку години не ги доставуваат документите кои ги побарале и затоа предметот за овој случај сѐ уште е заглавен во предистражна фаза.

Кривична пријава до скопското обвинителство е поднесена од две физички лица уште во март 2015 година против четири лица, а една година потоа тие ја прошириле уште против едно лице за делото злоупотреба на службената положба и овластувања. Пријавите се однесуваат на неисполнување на договорот кој го потпишале Министерството за транспорт и врски и фирмата „Никофон“, но тие, тврдат од обвинителството, биле подесени без да биде приложен ниту еден доказ за да бидат поткрепени наводите.

По пријавата, посочуваат, јавниот обвинител ги испита нотарот пред кого беше солемнизиран договорот за отуѓување на земјиштето, претставник на Министерството за транспорт и врски, двајца претставници од Општина Центар, претставник на купувачот Никофон ДООЕЛ, претставник од Стопанска банка АД Скопје каде бил подигнат кредитот, како и претставник на Државното правобранителство.

„Секој од испитаните, од страна на надлежниот јавен обвинител, беше задолжен наводите во своите искази да ги поткрепи со дополнително поднесени писмени докази. Така, вториот испитан претставник на Општина Центар на записник беше задолжен да достави документација за поткрепа на главниот навод во пријавата – дали се преземени мерки по истекот на договорниот рок од издавањето на одобрението за градба. Тој достави делумно појаснување со тоа што презеде обврска да го извести Обвинителството откако конечно ќе заврши постапката по одобрението за градба која беше во тек. Но, такво известување од Општината до овој момент не ни е доставено“, наведуваат од скопското обвинителство

Поради вака неисполнетата обврска, велат оттаму, обвинителството не можело во целост да ја утврди фактичката состојба на пријавениот настан, па предметот сѐ уште е во фаза на предистражна постапка.

Во септември годинава, на барање на Општината, обвинителот разговарал со двајца претставници и ги запознал со состојбите. На таа средба, обвинителот прашувал дали општината ги презела правните механизми кои ѝ стојат на располагање пред надлежните судови доколку сметале дека не бил испочитуван договорот.

„Претставниците на општината наведоа дека такви сознанија немаат во моментот, а дополнително до Обвинителството доставија единствено Правилник за определување на цената на градежното земјиште. Со ова тие не постапија по повторното задолжување од страна на јавниот обвинител да ја достават релевантната документација за текот на мерките и дејствијата што ги презела општината во рамките на својата надлежност за заштита на интересот на граѓаните“, велат од обвинителството.

Откако од Општината излегле со реакција и прозивка, од обвинителстото повторно повикале претставник за да ги даде неопходните појаснувања и да ја приложи потребната документација.

Инаку, од досега прибраните материјали, обвинителот утврдил дека земјиштето кај „Авто Македонија“ било продадено за 6.150 денари за квадратен метар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...