Тајните снимки од УСБ-то на Зоран Милевски Кичеец, барем оние што дозволи судот да бидат презентирани пред јавноста на денешното рочиште се со многу слаб квалитет, неразбирливи се и не е јасно кој разговара, ниту дали станува збор за снимена конверзација на средба на која се слуша и женски глас, или пак се снимени телефонски.
Додека се пушта, но не и слуша првиот фајл од УСБ-то, новинарите постојано реагираат дека ништо не се разбира, иако пред да биде пуштен материјалот имаше жестока расправија меѓу Русковска и Јанева која инсистираше сите докази од тајното УСБ на Кичеец да бидат презентирани пред јавноста за да се види кој рекетира, а кој нуди поткуп, а кој е злоупотребен и изманипулиран.
Наспроти ставот на Јанева и Јовановски за јавна и целосна презентација на доказниот материјал снимен од Кичеец, судот и обвинителката Вилма Русковска кои во име на заштита на правото на приватност на осудениот на три години затвор Милевски Кичеец најавија дека новинарите ќе ја напуштат судницата кога на ред ќе дојде третиот фајл затоа што станувало збор за приватни разговори меѓу Кичеец и Боки.