Основното јавно обвинителство Скопје по прибирање на релевантниот доказен материјал, негово проучување и анализа ќе донесе јавно обвинителска одлука во која ќе утврди и правна квалификација на стореното дело, вели ОЈО на прашање на Плусинфо дали надлежниот обвинител предвидува преквалификација на кривичното дело против тројца за насилство сторено на 29 јуни, а во кое беше брутално претепано дваесет и едногодишно момче Никола Саздовски кое утрово на КАРИЛ ја изгуби битката со животот.
Полицијата поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје за сторено кривично дело „насилство“, а уапси двајца од осомничените. Едниот од насилниците побегнал и се уште се трага по него.
„Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија во истражна постапка за утврдување на фактите во предметот. Донесена е Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица за сторено кривично дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во ова кривично дело, во ставот 6 е нормирана и настаната тешка телесна повреда или смртна последица од извршеното кривично дело насилство. Надлежен јавен обвинител денеска донесе Наредба за вршење на обдукција на починатото лице.“, се вели во одговорот од ОЈО.
Бруталното претепување на кобниот 29 јуни се случи на автобуска постојка на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје.
Според полициската верзија тројца на возраст од 19, 20 и 21 година дента во 17,30 часот го нападнале Н.С., по што момчето со тешки телесни повреди и во кома бил пренесен во урегентниот центар.
Полицијата тогаш приведе двајца во полициска станица Кисела Вода поради сомнение дека се можни сторители на кривичното дело.