Струшкото Основно јавно обвинителство почна истражна постапка против две лица за сторено кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Двајцата осомничени на 19 септември, околу 19.40 часот, на локалниот пат од с. Корошишта кон с. Волино организирале пренос на наркотична дрога марихуана во количина од 9.925 грама. По спроведена акција на Основното јавно обвинителство Струга, во координација со Министерството за внатрешни работи, осомничените стружани на возраст од 30 и 32 години се лишени од слобода.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга донесе Наредба за спроведување на истражна постапка, а поради постоење на законските основи доставен е и предлог за определување на мерката притвор до Основниот суд Струга. Предлогот на обвинителството е прифатен од страна на судијата на претходна постапка кој со Решение на осомничените им определи притвор во траење до 30 дена.