Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против едно лице за кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од чл.201 ст.1 од Кривичниот законик.
Станува збор за случај кој вчера ја вознемири јавноста, откако вработен во игротеката „Дежа ву“ во Скопје објави снимка од безбедносние камери на која се гледа како жена тепа дете. Тој случајот го пријави во полиција, а надлежен обвинител побара притвор.
„Осомничената на 21 ноември, во игротека во еден угостителски објект, малтретирала двегодишно дете за кое била ангажирана како негувателка. Притоа таа повеќепати го удрила детето кое се здобило со телесни повреди. За ова кривично дело е предвидена казна затвор од една до десет години. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомничената“, информира попладнево Обвинителството.