Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија за расветлување на вчерашните настани кои се случија во вечерните часови пред Собранието на Република Македонија, соопшти ОЈО.
„Утринава, претставници од Основното јавно обвинителство Скопје одржаа работен состанок со претставници од Министерството за внатрешни работи на кој Основното јавно обвинителство беше известено за вчерашните настани.
Во тек на протестите пред Собранието на Република Македонија од страна на Министерството за внатрешни работи вчера биле лишени од слобода 26 лица, од кои пет малолетници. По утврдување на идентитетот и возраста на лицата, малолетниците согласно Законот за правда на децата се пуштени на слобода.
Основното јавно обвинителство Скопје беше известено дека на вчерашниот настан повредени се десет полициски службеници од кои деветмина со телесни повреди, а еден полицаец со тешки телесни повреди. За времетраење на вчерашниот протест биле повредени и седум граѓани.
Основното јавно обвинителство Скопје на Министерството за внатрешни работи даде насока за обезбедување и доставување релевантен доказен материјал за сите лица лишени од слобода во врска со дејствијата што ги презеле пред Собранието на Република Македонија, како и за малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Пред сѐ за обезбедување на снимки од видео записи од поставените безбедносни камери со цел документирање на евентуално незаконито дејствување.
Од содржината на видео записите, како и од други обезбедени докази ќе се утврдува евентуалното незаконито дејствување на лицата лишени од слобода и на малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Воедно ќе се утврдува и идентитетот и на други лица инволвирани во настанот, за кои ќе постои сомнение дека со своето однесување се сторители на кривични дела. Согласно на содржината на видео записите и другите докази ќе следи поднесување на кривични пријави или известувања до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на Министерството за внатрешни работи.
Основното јавно обвинителство Скопје исто така беше известено и за заканувачки пораки и слики кои преку профили на социјалните мрежи биле објавувани за носители на јавни функции и други службени лица. Министерството за внатрешни работи доби задолжение да се пристапи кон утврдување на идентитетот на лицата од чии профили се упатуваат заканите и да се обезбедат релевантни докази за евентуално сторено кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, соопшти ОЈО.