Обвинителството нашло доверливи документи во домот на осомничената пратеничка Ременски

2931

Основното јавно обвинителство (ОЈО) нашло доверливи документи во домот на осомничената пратеничка Фросина Ременски во аферата „Рекет“, но тврди дека не станува збор за материјали од случајот „Монструм“, како што објави порталот МКД.мк.

– При претрес на домот на осомниченото лице се пронајдени документи и за нив се известени институциите од каде што документите потекнуваат и кои се надлежни за преземање на понатамошна постапка. Документите што ги наведувате во вашето прашање не се пронајдени при претресот – велат од ОЈО на прашање на Плусинфо, а во врска со наводите дека кај осомничената пратеничка биле најдени докумени од предметот „Монструм“ .

При претресот во истрагата дома кај Ременски беа најдени и два телефони кои беа дадени на вештачење.

Обвинителството за осомничената неодамна побара посебни мерки, а судот одлучи дека Ременски не смее да го напушта живеалиштето, односно градот Скопје.

Порталот МКД.мк пишува дека дома кај Ременски освен доверливи докумени од случајот „Монструм“ биле најдени и документи од „Диво Насеље“ и преписки на поранешните први луѓе на Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР. Обвинителството ги демантира овие информации.

МКД.мк потсетува дека сопругот на осомничената Ременски, Јовче Ременски, беше помошник директор во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...