Во рамки на истрагата која денеска ја отвори Обивнителството за организиран криминал и корупција за примање награда за противзаконито влијание и перење пари, каде осомничени се Бојан Јовановски – Боки 13 и бизнисменот Зоран Милевски – Зоки Кичеец, извршени се претреси на неколку локации. Тие се осомничени дека убедувале осомничено лице во истрага на СЈО, оти се поврзани со јавниот обвинител кој ја води истрагата и можат да ја прекинат или олеснат постапката, а за тоа барале вртоглави суми на пари.
Како што соопшти обвинителката Вилма Русковска во изјава за медиумите откако заврши распитот на осомничените, претрес е правен во нивните домови, но и во домот на родителите на Јовановски, како и во канцеларијата која тој ја користел во 1 ТВ.
Кај обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, не се вршени претреси. На Јанева одземен ѝ е само телефонот.
– Да видиме за комуникација помеѓу јавниот обвинител и осомничениот – рече Русковска која во нејзината изјава поради презумцијата на невиност не спомна ниту едно име на осомничен или обвинител.
На новинарско прашање, дали во доказите има обележани пари и снимки, обвинителката рече дека обележани пари нема, но има аудио и вдеио снимки.
Русковска рече дека се надева оти во иднина ќе има и проширување на истрагата.
Таа најави дека во овој случај, ако дојде до подигање обвинение, е можна и конфискација на имот.
– На прес-конференција кажав дека се води и финансиска истрага за цел имот што го поседуваат било кој од осомничените. За имотот што нема да може да докажат од каде им е, обвинителството ако подигне обвинителен акт е бара одземање на тој имот. Но за тоа, што би рекле, отом потом – рече Русковска.
За лицето кое е под истрага на СЈО, а кое ја поднело кривичната против Боки 13 и Зоки Кичеец, обвинителката рече дека е сослушан еднаш, а потоа и втор пат за дополнување на пријавата. Но, тој е подносител на пријавата, а како сведоци сослушани се други лица.
Русковска рече дека тие како јавно обвинителство не може да бараат заштита за кого било и ако некој се чувствува загрозен самиот треба да побара полициска заштита.