Во Основното јавно обвинителство Скопје интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите во предметот поврзан со смртта на лицето Н.С., кое почина по инцидент во скопската населба Автокоманда, соопшти Обвинитењлстворо.
– По дадена Наредба од Основното јавно обвинителство Скопје, денеска Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје, до обвинителството достави извршено вештачење за причинско-последичната врска на нанесените повреди со смртната последица кај сега починатиот. Оваа наредба од обвинителството следеше откако претходно беше доставен обдукцискиот протокол, а беа обезбедени и други вербални и материјални докази. Пред надлежен јавен обвинител денеска беше испитан и законскиот застапник на починатото момче.
Во доставеното вештачење детално од страна на вештите лица се дава приказ за состојбата на оштетениот по случувањето на кривично-правниот настан во моментот на неговата хоспитализација, во периодот на хоспитализацијата, па се до настанување на смртната последица. Вештачењето е доставено кај надлежниот јавен обвинител на натамошно проучување. По разгледување на вештачењето во контекст и на другите прибрани материјални и вербални докази, јавното обвинителство веднаш ќе одлучи во поглед на правната квалификација и натамошниот тек на постапката, стои во соопштението.