Обвинителски дрн-дрн-јариња

2888

Истрагата за бегството на Груевски од земјава прераснува во вистински политичко-истражителски дебакл.

Да се потсетиме: Груевски се даде во бегство на 11 ноември 2018 година, а месец дена подоцна, на 12 декември, на прес-конференција на обвинителката Вилма Рускоска, јавноста беше информирана дека црногорските служби доставиле снимки од поминувањето на Груевски на нивните граници. Тогаш обвинителката најави дека во наредните две недели (значи, некаде кон крајот на годината) јавноста ќе ги дознае деталите од бегалскиот потфат на Груевски.

Помина и јануари, детали нема. Без грижа, ќе нема ни во февруари.

Сега од шефот на Државното јавно обвинителство – онака, по пат, како со соопштената вест за снимањето на разговорите во телефонските централи во Обвинителството и Судот – дознаваме дека албанските служби го информирале дека видео податоците од преминувањето на Груевски на нивните гранични премини „автоматски“ се избришале. Таков бил тој модерен систем: снима-снима, па брише-брише. Црногорците веројатно имаат постар систем кој не ги брише податоците.

Ова објаснување е барем исто толку неуверливо, колку и она оправдување дека се потребни многу недели (и уште траат!) за да се провереле записите на сите камери кои можеле да снимат барем некои рути низ Скопје по кои бегал Грујо. Мислиш форензички го истражуваат убиството на Кенеди.

Туку, јасно е дека албанската влада решила да не соработува со македонските власти по прашањето на бегството на Груевски. Зошто?

Нема многу сценарија – има само едно-две плаузибилни – за таквата одлука на Албанците. Јасно е дека под нечие влијание, за да заштитат нечии интереси, решиле дека повеќе им одговара да не бидат вклучени во расчистувањето на бегството на Груевски, веројатно водени од своите државни интереси. Ова, бидејќи не е разумно да се верува дека самите тие официјално биле вклучени во организацијата на тоа бегство; или, пак, дека е во прашање некаква голема корупција за да не ги испорачаат бараните (видео и други) информации – тоа, просто, се чини фантастично, дури и кога ресурсите на Груевски се во прашање, па затоа е и неверојатно.

Според тоа, кои се тие „нечии интереси“ за властите во Тирана да ја откажат соработката со истражителите во Скопје?

Факт е дека преминот на македонко-албанската граница е најделикатниот и најпроблематичниот „меѓународен“ дел од патешествието на Груевски. Легален или илегален, тој премин ги имплицира и албанските власти. Тоа, од некоја причина, може да биде добра причина за несоработка.

Исто така, можно е на „избришаните“ снимки да има лица, сопатници на Груевски, чиј идентитет не е опортуно да се открива. Можеби нечии дипломати или разузнувачи, а можеби и некои цивили со „проблематичен“ идентитет заради едикоја, но сепак политичка или безбедносна, причина. Претпоставка е дека токму тоа треба да го открие истрагата. Тоа, исто така, може да не ѝ се допаѓа на Албанија. Или на оние кои ѝ се обратиле за дискреција, а кон кои албанската држава има билатерални обврски.

Бидејќи бегството на Груевски, по дефиниција, е конспирација, не е исклучено во неа да учествувале оние кои имале интерес од политичките последици од таа конспирација. Тие не сакаат да се дознае кои се, бидејќи така се распаѓа конспирацијата.

Но, затоа и се очекуваше дека македонското Јавно обвинителство најприоритетно ќе го расчистува овој предмет, за да ги спречи штетните политички и други конспиративни шпекулации. Еве, тоа не се случува. Напротив, Обвинителството стана дел од заплетот, па и главна причина за поттикнување на шпекулациите. Обвинителите веќе не делуваат како вообичаено неспособни – делуваат како дел од конспирацијата. Тоа влијае врз генералниот кредибилитет на целото Обвинителство.

Можеби тоа го гледа и Република Албанија, па си вели, зошто ние да им помагаме на овие, кои самите не покажуваат преголема амбиција да го решат случајот?!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...