Обвинителот немал абер дека Војминовски ќе „кидне“

Сега веќе избеганиот Војминовски беше сведок и во најобемниот судски случај кој произлезе од случувањата на 27 април 2017 во Собранието, а се однесува на терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Тој сведочеше по предлог на обвинителката Вилма Русковска и беше еден од првите кои споменаа инволвираност на конкретни функционери. Меѓутоа, од обвинителството негираат дека тоа што Војминовски „пропеа“ е причина за поблагиот третман односно за тоа што оттаму не побараа притвор.

416

До јавниот обвинител Дарко Јакимовски кој го води случајот за обидот за убиство на Зијадин Села не стигнале никакви информации дека Никола Војминовски може да избега, такви податоци нема ниту за Александар Јаневски Тошта кој, исто така, е во куќен притвор додека пресудата не стане правосилна.

Војминовски со првостепена пресуда е осуден на 13 години и 6 месеци затвор, што е највисоката казна во споредба со останатите шестмина кои се обвинети во истиот случај.

– Во целиот тек на постапката, од замената на мерката притвор во куќен притвор до донесување и објава на пресудата, до надлежниот јавен обвинител не беа доставени никакви податоци или информации за евентуално бегство на обвинетиот по кого сега е распишана потерница, ниту такви податоци постојат за другиот обвинет кој се наоѓа во куќен притвор – тврдат од обвинителството.

Кога полицијата во рутинска контрола не го пронашла бегалецот дома, од МВР усно го известиле обвинителот, а тој им наредил писмено да го известат и по судот бидејќи, појаснуваат од обвинителството, согласно Законот за кривична постапка, во оваа фаза судот е надлежен за следење на мерките за обезбедување присуство.

– Доколку МВР, кој е надлежен орган за контрола и надзор на мерката куќен притвор, обезбеди релевантни докази кои би укажале на извршено кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството би се вклучило со кривичен прогон против лица кои евентуално му овозможиле бегство на обвинетиот – велат од обвинителството.

Војминовски беше во притвор уште пред да се донесе првостепената пресуда, која ќе стане правосилна откако Апелацискиот суд во Скопје ќе се произнесе за жалбите. Пресудата беше донесена уште на 5 јули 2018 година, но од Апелација сѐ уште нема никаков абер.

Кога судијката Славица Андреевска, која беше на чело на судечкиот совет, ја прочита пресудата пред околу шест месеци, обвинителот Јакимовски побара Војминовски да остане во куќен притвор до правосилноста. Од обвинителството појаснуваат дека тој не побарал обвинетиот да заврши во затвор затоа што имал влошена здравствена состојба.

– За ова лице, одбраната во текот на главната расправа поднесе предлог за укинување на притворот и замена со мерка куќен притвор или мерки на претпазливост, а притоа како аргумент ја наведе влошената здравствена состојба предизвикана од кардиоваскуларни проблеми на обвинетиот. Кривичниот совет на судот го прифати овој предлог и му определи мерка куќен притвор на почетокот на мај 2018 година. Судот ја прифати наведената причина од страна на одбраната во која и јавноста неспорно можеше да се увери кога на 18 април 2018 година обвинетиот колабираше на едно од рочиштата и интервенираше итната медицинска помош. По завршување на главната расправа и објавата на затворските казни, обвинителот предложи ваквата мерка да продолжи до правосилност на пресудата, а причината е тоа што состојбата заради која мерката куќен притвор беше определена сѐ уште постоеше – велат од обвинителството.

Сега веќе избеганиот Војминовски беше сведок и во најобемниот судски случај кој произлезе од случувањата на 27 април 2017 во Собранието, а се однесува на терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Тој сведочеше по предлог на обвинителката Вилма Русковска и беше еден од првите кои споменаа инволвираност на конкретни функционери. Меѓутоа, од обвинителството негираат дека тоа што Војминовски „пропеа“ е причина за поблагиот третман односно за тоа што оттаму не побараа притвор.

– Сведочењето на обвинетиот во друг судски процес нема никаква поврзаност со замената на мерката притвор во куќен притвор – децидни се од обвинителството.

За потсетување, Војминовски во сведочењето кажа дека на „крвавиот четврток“ добил порака од пратеникот Љубен Арнаудов, како и дека го видел Арнаудов како разговара со поранешниот министер за еден ден во МВР Оливер Андонов во којшто разговор било кажано дека единствено решение е да се отворат вратите и толпата да влезе внатре, а потоа претседателот да прогласи вонредна состојба.

Како што споменавме во редовите погоре, за обидот за убиство на Зијадин Села Војминовски доби највисока затворска казна од 13 години и 6 месеци, а робија со првостепената пресуда добија уште шест лица: 13 години добија Александар Јаневски Тошта и Кире Георгиевски; 10 години и 6 месеци затвор добија Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Андреј Мицов и Коста Делов.

Тошта, исто така, поради здравствена состојба во моментов се наоѓа во домашен притвор, додека останатите петмина се во притвор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...