Обвинителот за мафија не зборува за „Скопје 2014“ за да не направи кривично дело

788

Националниот јавен обвинител за гонење на мафија и на тероризам во Италија, Федерико Кафиеро Де Рахо, денеска е во Скопје каде потпиша меморандум за соработка со македонското обвинителство, а одговараше и на прашања на новинарите за проектот „Скопје 2014“, зашто како што е познато, во леарница во Италија се правеа добар дел од спомениците.

Тој немаше прецизен одговор дали тамошната леарница е под истрага.

– Треба да се нагласи дека кривичните истраги се тајни, информации се откриваат кога некој ќе заврши во притвор или кога ќе има заплена на имот. Ако јас откријам информации, тогаш ќе направам кривично дело – рече Де Рахо.

Тој откри дека италијанското министерство за правда во моментов подготвува платформа во која ќе има база на податоци која ќе ја користат обвинителите и истражните органи за полесна размена на информации и водење на истрагите. Од септември тој модел, кој е сличен на тој што го имаат италијанските обвинители би можел да се примени и кај нас и кај други земји на Балканот. Со таа платформа ќе се споделуваат информации меѓу обвинителите во земјава, но меѓу тие од странство.

Ваквата соработка Италијанецот ја оцени како клучна во борбата со интернационалниот криминал во неговиот говор на денешната конференција каде тој беше еден од говорниците. Говореше и државниот обвинител Љубомир Јовески кој покрај подобра меѓународна соработка, рече дека еден од предизвиците им е и кадровско доекипирање на обвинителствата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...