Обвинителот Дарко Јакимовски кој го застапува обвинението за несреќата кај Ласкарци, побара денешниот сведок Бесник Халили да го потпише записникот од судница за да не дојде до ситуација и за денешниот исказ утре да каже дека тој не го кажал она што е запишано.
– Согласно Законот за кривична постапка и тоа што за мене постои основано сомневања за давање лажен исказ, барам судот да одлучи дали овој сведок ќе потпише сега на рочиште дополнително изготвен записник или ќе остане како и сите до сега со записник кој се дава на сите странки. Ова е витален момент за проучување на неговата одговорност, но утре можеме да дојдеме до ситуација повторно сведокот да рече „јас не знам што вие запишувавте, јас кажав тоа што знам“ – побара обвинителот.
Халили е поранешен возач во „Дурмо турс“, кој, како што известивме, денеска во судница имаше сосема спротивен исказ од оној што го дал пред обвинител во текот на истрагата. Тој денеска тврдеше дека не се сеќава дали имало манипулатор на брзината во автобусот, додека пред обвинител тврдел дека има манипулатор и во детали кажувал каде се наоѓа копчето за вклучување и исклучување на таквиот уред.
– Во овој момент не може да се изготви посебен записник само со исказот на овој сведок. Но застапникот на обвинението ќе добие и ЦД со целиот запис каде со сигурност ќе се утврди веродостојноста на исказот и зборовите кои денеска ги наведе сведокот и ќе може да се провери дали во целост се пренесени како што кажал – рече судијката Дијана Груевска Илиевска.
Денешното судско рочиште е во тек, а во моментов сведочи поранешен вработен во фирмата за сервис на тахографи.
Во автобуската несреќа кај Ласкарци попладнето на 13 февруари годинава загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени. Во случајот обвинети се шест лица.
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI