Обвинителката Лиле Стефанова за денеска во 9.30 часот има покана за сослушување во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“. Таа го води предметот „Империја“ каде меѓу осомничените е и бизнисменот Орце Камчев.
Стефанова е втора обвинителка од СЈО која ќе дава исказ откако вчера тоа го направи Елизабета Јосифоска. Таа, пак, е заменичка на Катица Јанева заедно со Ленче Ристоска, и токму таа го потпишала мислењето за издавање на времен пасош Камчев.
Викендот во интервју во емисијата Стадион на Канал 77 Јосифоска рече дека тоа ѝ било дадено веќе изготвено и таа, нагласува, согласно законот за СЈО, не можела да потпише ништо друго спротивно на тоа што го бара Катица Јанева.
– Во однос на мислењето за издавањето на времена патната исправа на Јордан Камчев, да, јас го потпишав тоа мислење бидејќи специјалната јавна обвинителка беше отсутна. Нормално, согласно внатрешно поставените процедури знаев дека таа е информирана бидејќи тоа мислење беше донесено кај мене веќе изготвено по нејзин налог и го потпишав тоа – рече Јосифоска посочувајќи дека колешката Стефанова била против, но не можело да се одлучи нешто спротивно на тоа што го бара шефицата Јанева.
Јосифоска досега не се споменуваше во аферата „Рекет“, но името на Лиле Стефанова, се споменуваше и во снимките. Орце Камчев првпат го спомена во второто објавено продолжение од снимките прашувајќи го Бојан Јовановски Боки 13 дали Лиле е со нив, но не доби потврден одговор. Бизнисменот кажа и оти Ванчо Чифлиганец за Стефанова му барал дуќан за стоматолошка ординација. За ова, пак, Чифлиганец потоа излезе со демант.
Во третото продолжение, објавено во саботата, нејзината шефица, Катица Јанева зборува за неа кога се вмешува во телефонски разговор меѓу Боки 13 и Камчев. Кога осомничениот во „Рекет“ вели дека бизнисменот „се плаши од Лиле“, специјалната обвинителка кажува: „Јас многу сум ангажирана затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене она не може ништо“.
По споменувањето на нејзиното име, со официјална писмена изјава излезе и самата Стефанова велејќи дека Камчев како осомничен во „Империја“ се обидел да влијае врз неа преку нејзиниот пријател Чифлиганец. Таа изнесе и дека имала несогласувања со шефицата Јанева, прво за замената на мерката притвор со домашен притвор за осомничените во „Империја“, а потоа и за издавањето на времен пасош на Цветан Панделески, како и на Камчев што било одлучено без таа да знае додека била на годишен одмор.
Стефанова во изјавата кажа и оти Јанева барала извештаи за случаите „Империја“ и „Поштенска банка“ за тоа колку пари осомничените треба да ѝ вратат на државата и да се затворат предметите без да се оди во затвор.