Обучување на јавните обвинители за препознавање и соодветно постапување по криминалот од омраза, има за цел меморандумот за соработка, што денеска во Скопје потпишаа Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ задно со Јавното обвинителство во Република Северна Македонија и ОБСЕ и ОДИХР.
Според државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, кај нас често се злоупотребува и меша прашањето на слободата на говор и изразување на мислата, кое е основно човеково право со распалување на омраза без чувство за одговорност за искажаниот збор.
– Говорот чија намера е да деградира, вознемири или предизвика насилство врз основа на предрасуди против лица или групи врз основа на нивната раса, род, возраст, етничка припадност, националност, религија, хендикеп, јазична способност, морални или политички ставови или занимање и изглед е криминал од омраза. Терминот се однесува и на пишана и на усна комуникација, како и некои форми на однесува на јавно место – изјави Јовески.
Тој нагласи дека во таков случај слободата на изразување е погрешно толкувана и преминува во говор на омраза.
– Со непристрасно постапување по предметите на криминалот од омраза јавните обвинители претставуваат чувари на демократските вредности и владеењето на правото – изјави Јовески.
Посочи дека проблем за обвинителите е долгото траење на постапките, кога се работи за откривање и докажување на говорот на омразата на социјалните мрежи, бидејќи треба да се докаже дали се работи за вистински или лажен профил.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Наташа Габер Дамјановска, изрази уверување дека обуките ќе придонесат кон професионално надградување на практичните и теоретските познавања на јавните обвинители на новите законски одредби кои се однесуваат на делото на омраза.
– Обуките за јавните обвинители ќе бидат корисни за успешно препознавање на елементите на кривичните дела од омраза, кои се идентификуваат низ мотивот, мислењето за жртвата, изјавите и гестикулациите, пишаните пораки насочени кон некое лице или објекти со културно и историско значење – изјави Габер Дамјановска.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, изјави дека ОБСЕ го препознава криминалот од омраза како најголема закана за безбедноста на луѓето и општеството.
– Во периодот од 2013 до 2019 година цивилниот сектор во Северна Македонија има регистрирано повеќе од 500 случаи на криминал од омраза. Најголем дел како меѓуетничко насилство меѓу млади, напади врз религиозна основа, закани и напади врз бегалци и членови на ЛГБТ заедницата, изјави Која.
Изрази уверување дека партнерството меѓу ОДИХР, академијата и ЈО ќе придонесе обвинителите да имаат подобар одговор на криминалот од омраза, посочувајќи дека годинава вкупно 40 обвинители ќе ги почувствуваат придобивките од иницијативата