Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело загрозување на сигурноста.
„Обвинетиот се товари дека на 16.06.2017 година, по пат на информатички систем, се заканил дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна. Заканите биле објавени во форма на коментар на неговиот профил на една социјална мрежа и биле насочени кон оштетено лице – новинар, при што обвинетиот повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот“, соопштија од обвинителството.
Според нашите информации оштетениот новинар е Бранко Тричковски. Иако од обвинителство поради презумција на невиност не соопштуваат детали за идентитетот на обвинетиот, според датумот кога е објавена заканата, најверојатно станува збор за Тони Михајловски кој тогаш на Твитер напиша: „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми боже“.
Тогаш реагираше и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) од каде уште тогаш најавија кривична против Михајловски.