Обвинетиот Михаил Младеновски кој денеска дава своја одбрана пред судот за 27. април на крајот од својот исказ посочи дека упадот бил планиран два месеци од порано, дека уште за време на протестите пред ДИК имало инструкции да се палат возила и да се напаѓаат новинари, но и дека два месеци по крвавиот четврток обвинетиот Александар Василевски Нинџа имал информации дека обвинителатвото отворило предмет за случувањата според членот 313 каков што е и сега.
– Упадот во Собранието почна да се спрема во моментот кога почна расправата за избор претседател и тоа мислам некаде два месеци пред 27 април. Имам учествувано 10-15 пати на протестите. Требаше да следиме ситуација затоа што не знаевме кој ден ќе пристапат кон избор на претседател – рече Младеновски на крајот од неговиот исказ.
Луѓето од УБК, чиј тогашен директор бил Владимир Атанасовски, правеле проценка кој треба да се нападне од јавните личности.
– Како одговорност на некои тогашни функционери на УБК и нормално преку Нинџа требаше да се напаѓаат личности кои се против интересите на тогашното раководство. Проценките за тоа кој треба да се нападне ги правеа луѓе кои тогаш беа на високи државни функции во УБК, се палеа коли, требаше да се палат други коли… Никогаш не сум учествувал во насилствата, но сум директно запознаен. Имаа 100 отстотна заштита од УБК. Тука беа во тој контекст физички напаѓани и новинари и луѓе кои учествуваат во јавниот живот. Овие активности беа организирани од Нинџа по насока на Владимир Атанасовски – потенцираше обвинетиот.
Тој рече дека уште порано пред 27 април, уште кога се организираа протести пред ДИК имало инструкции да се дигнат во воздух возилата на Петре Шилњгов и Љубомир Фрчкоски.
– Но, до тоа не дојде, бидејќи во последен момент ја стопира таа работа – рече Младеновски.
Обвинетиот при крајот на неговиот исказ посочи и дека имале информации дека ќе ги гонат токму за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
– Два месеци по настаните од 27 април Нинџа ни кажа дека има информации дека веројатно се работи предмет за организиран криминал кој ќе биде под член 313 како што е и сега. Сепак, во разговорите имаше некаков оптимизам дека ќе се дојде до некое злосторнички здружување како дело – раскажа Младеновски.
Тој завршувајќи го своето сведочење рече дека не му значи дали ова ќе има олеснителна или отежителна околност. Од интерес е, рече Младеновски, да се дознае вистината која беше буткана под тепих.