Уште еден обвинет за 27 април „пропеа” на денешното рочиштеПо Стефан Младеновски кој даваше своја одбрана, и неговиот брат Михаил пред судот и јавноста отворено приговори за се што се случувало уште од 2016 година пред парламентарните избори.
– 27 април како настан делуваше негативно и даде една лоша слика за нашата држава, не подели комплетно како луѓе по секоја основа и затоа беше осмислен и организиран со цел одредени луѓе да си ги заштитат своите интереси притоа не мислејќи за евентуалните жртви. Бидејќи сум по професија правник морам да нагласам дека сум многу свесен за последицата која произлезе од тој настан. Може и е лошо што малку доцна, но е добро што повеќе од нас сфатија која е поентата на тој настан. Од денешен аспект се работи за монструозна конструкција и заради тоа денес сме сите тука во оваа сала – почна Младеновски во неговото сведочење.
Во средината на 2016, рече тој, првпат се запознал со тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски во кафичот Аристократ преку Александар Василевски Нинџа.
– Нинџа ми кажа дека тој е негов близок пријател и со поставувањето на Атанасовски на чело на УБК ќе добие моќ од аспкет на користење на ресурсите на службата, логистика од одредени функционери во службата. Накратко, од целиот тој разговор добив впечаток кој потоа и Нинџа ми го потврди, дека додека Атанасовски е директор ќе има одврзани раце околу битни случувања во Македонија. На 11 декември 2016 имаше избори. Уште вечерта резултатите беа неизвесни, двете партии прогласија победа. После тоа се случија приговори до ДИК, која требаше да одлучува во поглед на истите и одредени луѓе кои беа на позиции како Атанасовски проценија дека е потребно да се изврши притисок врз членовите на ДИК кои треба да одлучат за приговори во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Еден ден пред почетокот на протестите пред ДИК, имавме една средба во „Аристократ“ на која присуствуваа тогашни високи функционери од УБК, Владимир Атанасовски, мислам тогашен помошник директор или заменик – началник на Петтата управа, Никола Бошковски кој сега е во бегство во Грција, Дејан Димковски Боксер од УБК, Мери вработена во кабинетот на директорот на УБК, тука беа и Нинџа, Кољо… Ни беше кажано дека треба да се настапи на првиот протест пред ДИК, на кој треба да има претжно машки кои ќе застанат во првиот ред кај металната ограда и дека по одредена насока која ќе биде дадена, а ќе ја пренесе Александар Василевски – Нинџа, ќе треба да се дејствува со молотови коктели. Се користеа шифри при комуникацијата на Вибер и Сиглан, шифрата за Нинџа беше Самурај, така се водеше во комуникацијата меѓу функционерите на УБК – сведочеше Младеновски.
Откако ДИК ги соопштила резултатите на изворите на кои со 51 пратеник победила ВМРО-ДПМНЕ, атмосферата се смирила се до моментот кога станало јасно дека партијата нема да успее да формира влада со ДУИ. Тогаш, рече Младеновски, се интензивирале средбите со функционерите од УБК и било соопштено дека ќе се почне со протести. Обвинетиот сведочеше и дека на другиот обвинет кој постојано го споменува во исказот, на Нинџа, му биле давани и други инструкции.
– Му беа дадени инструкции на Нинџа да покрие следење на одредени луѓе кои директорот на УБК ги сметаше за интересни, како што кажуваше, државни непријатели. Беа следени обвинители од СЈО, беа сликани, документирани. Беше следен Кире Наумов, бидејќи имаше информации дека е склон кон алкохол и малолетни девојчиња и треба да му се конструира некоја афера. Да биде сликан и документиран – рече обвинетиот.
Тој кажа дека на средбите од Бошковски им било кажувано дека тие, групата околу Нинџа се надворешна „Петка“ односно поддршка на Петтата управа од УБК.
– Нинџа и Атанасовски немаа добро мислење за тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков. Немаа комуникација со него за ова, работите одеа преку УБК односно овие работи се правеа без знаење на јавната безбедност – сведочеше обвинетиот.
Тој кажа дека уште претходно им било кажано дека ќе се влегува во Собранието ако има обид да се избере претседател, а Никола Бошковски во директен разговор му рекол дека ќе издејствува преку полициските станици да не се пружа отпор.
За дента на 27 април, тој кажа дека околу 13 часот му се јавил обвинетиот Никола Митревски – Кољо и го повикал на ручек во ресторанот „Дион“ заедно со неговиот брат.
– Таму беше Нинџа, Кољо, Злате, брат му на Кољо кој си отиде, имаше температура. Прва група која приметив дека доаѓа беше од Ѓорче, познавам само еден под надимак Шеќер. Од Нинџа ми беше кажано дека ова е група која е блиска со СДСМ, претходно имале недоразбирање со лице со прекар Буце кое беше од групата на Нинџа. За да го изменаџира тој проблем Нинџа лично ми кажа дека ги повикал, бидејќи сега е момент да се одлучат на која страна ќе бидат односно да се докажат – кажа Младеновски.
Таму во ресторанот, Нинџа му дал пари на Кољо кој заедно со братот на Михаил Младеновски, Стефан, отишле да купат фантомки, донеле околу 30-тина.
Тој зборуваше и за влегувањето во Собранието, кажа дека ставил фантомка зашто го советувале да носи бидејќи е вработен во јавна администрација и да нема реваншизам кон него во случај на промена на власта.
Во Собранието рече се задржал околу 15 минути и заедно со брат му, со обвинетиот Кољо и Захарие Симовски излегле и отишле во паркот „Жена Борец“ каде биле и Нинџа, Горан Ангеловски и останатите кои биле во „Дион“, со исклучок на групата од Ѓорче и неколку други поединци за кои од снимките видел дека учествувале директно во насилството.
– Во „Жена Парк“ дојде „голф 5“, сива боја, со затемнети стакла, која беше сопственост на УБК и службено возило на Никола Бошковски. Тоа ми е познато зашто со тоа возило доаѓаше во „Аристократ“. Секогаш доаѓаше со различни таблици, знам дека имаше 10-тина таблици. Бошковски застана кај аптеката, таму пристапи со Нинџа, ни кажа и видовме дека во колата има оружје, не знам чие, тој имаше и панцирни елеци, пиштоли, автоматско оружје… за кое ни кажа дека ќе треба да се подели на луѓе кои имаат искуство, претежно од 2001 година. Причината зошто го кажаа тоа беше бидејќи имаат информации дека неколку албански групи се спремаат да дојдат, веројатно да помогнат на пратениците – сведочеше обвинетиот Младеновски.
Меѓутоа до тоа не дошло бидејќи им кажале дека советникот за национална безбедност на претседателот Ѓорѓе Иванов, Синиша Алексовски, дал информација дека Иванов ќе прогласи воена состојба, пристапот до Скопје од Западна Македонија е блокиран и дека тој ќе прогласи воена состојба и ќе се уапси парламентарното мнозинство поради државен удар.
Кога Иванов не го направил тоа, рече Младеновски му станало јасно дека станува збор за осмислено сценарио во кое тие се искористени од страна на функционерите од УБК.
Тој кажа и дека значки од УБК имаат и обвинетите Александар Василевски – Нинџа и Никола Митревски – Кољо.