Обвинет за 27 април призна дека носел пиштол во Собрание, кажа дека носеле и Игор Југ и Јане Ченто

- Не знам кој требаше да ја заврши работата, јас требаше да ги утврдам локациите каде живеат. Пренесов дека нема никој дома кај Радмила и Шилегов и дека на паркингот кај Фрчкоски нема такво возило воопшто - рече обвинетиот.

1997
ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA
Обвинетиот Захарие Симовски е третиот, по браќата Стефан и Михаил Младеновски, кои денеска даваат своја одбрана за случајот со 27 април.
Како што кажа, тој од 2015 година му бил личен телохранител на обвинетиот Александар Василевски Нинџа и оттогаш запознал уште тројца од обвинетите: Никола Митревски Кољо, Младен Додевски и Дејан Давидовски Дешо, кој е во бегство. Сите тие му биле обезбедување на Нинџа.
Тој раскажа дека Нинџа бил близок и се гледал со лица од УБК, Никола Бошковски, Дејан Боксер и Владимир Атанасовски.
– Некаде периодот септември 2016 година кога Владимир Атанасовски станува директор, тој одржува состанок со Нинџа по кој Нинџа нѐ свикува нас и ни се обраќа со зборовите дека му се дадени одврзани раце и за секое дејствие ќе бидеме заштитети од безбедносните структури. Потоа Нинџа ме викна мене и ми задолжи оружје со насока да го носам при себе само кога има директна негова наредба која некогаш ми била пренесувана од другите лица со кои, на еден начин, бев колега – раскажа Симовски.
Во предизборната кампања за парламентарните избори во 2016, раскажа Симовски, тие како телохранители на Нинџа дејствувале како втор обрач обезбедување на Никола Груевски.
– Одевме во секој град каде имаше митинг и се поставувавме како втор обрач обезбедување. Кога се увиде фактичката состојба дека изборите се прилично неверодостојни лицата од УБК почнаа зачестено да доаѓаат во Аристократ и да се движат зачестено со Нинџа. Воедно правеа планови што би се случувало ако ВМРО-ДПМНЕ загуби на изборите. Потоа ни беше дадено насока да одиме на протестите пред ДИК – зборуваше Симовски.
Бидејќи протестите не биле насилни, Нинџа им понудил на двајца членови на навивачката група Фемили Аеродром да се приклучат на протестите за да има повеќе млади и им навестил немири. Во замена им нудел да им помогне на нивни другари кои се затвор за престојот таму да им биде попријатен. Тие го одбиле, па потоа Нинџа стапил во контакт со патриотските здруженија.
Симовски кажа и дека пред протестите често се случувало Нинџа да влезе во штабот на ВМРО-ДПМНЕ каде нему не му бил дозволен влез.
– Не знам со кој се среќавал, но по негово кажување се среќавал со функционери на ВМРО-ДПМНЕ и одел во кабинетот на Никола Груевски – рече обвинетиот.
На 27. април му се јавил еден од еден од телохранителите на Нинџа, Дејан Давидовски Дешо кој му пренел дека Нинџа рекол да го земе ,,таквото” што всушност, појасни Симовски, е шифриран збор да го понесе со него оружјето.
И тој, како и браќата Младеновски кажа дека дента се собрале во ресторанот Дион од каде се упатиле кон Собрание откако обвинетиот Никола Митревски Кољо добил повик.
Симовски призна дека носел пиштол во Собрание, а кажа и дека во прес салата видел реакција на Игор Југ, кој посегнал со раката по пиштолот.
На прашање на обвинителката Вилма Русковска дали и некој друг носел пиштол, Симовски рече дека по зборување во Собранието и покажување на оружјето на трето лице во Жена Парк, оружје носел и Јане Ченто.
Инаку, и овој обвинет зборуваше за планирани напади врз функционери од СДСМ, па кажа дека Нинџа им пренел порака од директорот на УБК Владимир Атанасовски  за да се нападнат домовите на Петре Шилегов и Радмила Шекеринска, и да се запали возилото на Љубомир Фрчкоски.
– Не знам кој требаше да ја заврши работата, јас требаше да ги утврдам локациите каде живеат. Пренесов дека нема никој дома кај Радмила и Шилегов и дека на паркингот кај Фрчкоски нема такво возило воопшто – рече обвинетиот.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...