Еден од обвинетите во случајот за „27 април“, Влатко Трајковски Луди, во неговите завршни зборови денеска во Кривичниот суд го спомена новоосомничениот за организација на „крвавиот четврток“, Трајко Вељановски.
Трајковски рече дека „27 април“ април немало да се случи ако пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски не ги отвореле собраниските врати, а наредбата за отворање, рече тој, се знае чија била, на „тој што нарачуваше полици за во село“.
За потсетување, Вељаноски беше сведок во овој предмет каде обвинети беа 33 лица, а по амнестијата останаа само 17. Тој сведочеше по предлог на шефот на неговото обезбедување, Горан Ѓошевски Леви.
Вељаноски и Леви критичниот ден на 27 април 2017 се допишувале, а во комуникацијата се споменува извесен Душко. Кога екссобранискиот претседател доби прашање кој е тој Душко, Вељановски објасни дека станува збор за човек што требало да му прави рафтови и полици за во куќата на село и дека за тоа комуницирале со Леви.
Луди побара од судот да му судат за тоа што го направил.
– Од судот барам да ми суди за тоа што сум го сторил, но не за тероризам. Единствена грешка ми е што сум се нашол на погрешно место во погрешно време – истакна тој.
Во однос на пратеникот Сашко Костов, Трајковски рече дека тој го навредувал и опцул, по што земал пп апарат и го испрскал. Тој посочи дека пратеникот кренал рака, при што од страв да не биде нападнат Трајкоски му задал два три удари од кои Костов паднал и веднаш станал. За обвинението дека тој ја удира Радмила Шекеринска, Трајковски рече дека на снимките се гледа дека не ја удира тој, туку лицето кое што ја заштитува.
Инаку, Трајко Вељаноски кого Луди го спомна, е еден од осомничените во истрагата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со Никола Груевски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Никола Бошковски. Истрагата беше отворена вчера, а за сите обвинителката Вилма Русковска бараше притвор.
Меѓутоа, Вељаноски како актуелен пратеник се повика на имунитетот и сега мора да се чека да се гласа во Собранието за одземање за да може да се спроведе распит и да се донесе одлука за притвор.
Барањето е стигнато во Собрание, но кога ќе се закаже седница за одземање на имунитетот сѐ уште не е познато.