Обвинет во „Монструм“ пред шест години: ,,Направивме гомнарија, убивме човек”

7245

По сведочењето на двајцата рибари, во судница на рочиштето за случајот „Монструм“, се гледа видео снимка од исказот на обвинетиот Хаки Азири пред истражен судија даден пред околу шест години во време кога тој се откажува од статусот загрозен сведок.

– Мојата улога беше да ги пречекам Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Требаше да ги пречекам на обиколница на Качанички пат зашто претходно имале нерасчистени сметки со некого. Со Алил Демири се слушнав на 11 април 2012 околу 23 часот за да се видиме утредента кај него околу 12 часот. Се видовме утредента кај него и отидовме кај Африм. Таму Африм ми рече дека ќе направат нешто зашто имале нерасчистени сметки. Ми рече да го земам брат му Агим Исмаиловиќ околу 18 часот. После тоа го однесов Агим во Топанско поле на паркинг за да го земе возилото опел омега. Јас потоа отидов на местото каде требаше да ги чекам околу 19.20. Чекав и околу 20 часот опел омегата дојде и застана позади моето возило. Не видов кој излезе од возилото, но тогаш Агим и Африм Исмаиловиќ дојдоа во моето возило, немаа оружје, беа во тренерки и црни капи и ракавици – изјавил тогаш Азири пред истражниот судија.

Според тогашниот исказ, тој ги прашал што се случило и тие му одговориле:

,,Направивме гомнарија, убивме човек“. Потоа, браќата Исмаиловиќ му рекле да вози кај него дома.

– Откако ми рекоа дека убиле човек јас само возев и ништо не прашав и не гледав ниту лево ниту десно – зборувал обвинетиот пред пред околу шест години.

Подоцна тој видел на Интернет дека имало петкратно убиство, а два дена покасно на порталите го видел возилото опел омега.

Кога тој бил повикан во полиција и му ги покажале доказите, на Азири му станало јасно дека тоа кога ги чекал браќата Исмаиловиќ на Качанички пат е всушност дел од петкратното убиство.

– Јас да знаев дека се работи за тоа никогаш не би прифатил да одам таму и да ги чекам – рекол Азири пред шест години.

Тој кажа дека од каење и кошмари во тој период ослабел 20 килограми.

Меѓутоа, Азири на првото рочиште од новото судење за „Монструм“, рече дека ваквиот исказ не важи и оти бил малтретиран од полицијата и инспекторите за да го каже тоа пред истражниот судија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...