Велешкото Обвинителство поднесе до Основниот суд, бвинителен предлог против поранешен градоначалник и против поранешен претседател на Советот на општина Велес кои се товарат зазлоупотреба на службената положба и овластување. Во периодот од 2014 до 2016 градоначалник на Велес е Славчо Чадиев, а претседател на Советот е Александар Колев.
– Градоначалникот со искористување на својата службена положба и овластување, прибавил имотна корист од поголема вредност за претседателот на Советот. Спротивно на одредбите од Правилникот за користење и одржување на службените моторни возила и на Наредбата за користење и одржување на службените моторни возила, тој со усно одобрение допуштил тогашниот претседател на Советот во периодот од 23.02.2014 година до 09.08.2016 година, во повеќе наврати, да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето.
Вториот обвинет, пак, како одговорно лице – претседател на општинскиот Совет, без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и со искористување на својата службена положба и овластување за себе прибавил имотна корист од поголема вредност. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598 денари, за кои била извршена исплата од сметката на оштетената општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно потпишани од обвинетиот, стои во соопштението на Обвинителството.