Во Кривичниот суд во Скопје денеска беше соопштена пресудата за двајца од тројцата обвинети за убиството на Никола Саздовски Саздо.
Бесир Беља и Скендер Демири добија затворски казни од по 19 години.
Третиот напаѓач инолвиран во случајот, Јетон Ључа, е во бегство.
Покрај затворските казни, тие треба да платат и штета на семејството на жртвата.
Воедно, Бесир Беља треба да исплати оштета од по 1.200.000 за таткото, мајката, братот, сестрата, а за бабата на Саздовски 600 илјади денари. Исто толку треба да им исплати и Скендер Демири.
Со солзи во очите, изрекувањето на пресудата во судница го следеа и родителите на Саздо.
Судскиот процес почна на 9 ноември минатата година и го води судијката Даниела Алексовска-Стојановска. Двајца од напаѓачите, Беља и Демири, се во притвор во затворот во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.
Во текот на судењето, на 7 февруари годинава се правеше и реконструкција на убиството на Саздовски во присуство на сведоците и вештите лица на автобуската постројка во Автокоманда.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Јетол Ључа, кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.
Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Обвинителството кога отовори предмет за овој случај првично го водеше за делото „насилство“, а потоа направи преквалификација во „убиство на свиреп начин“. Ваквата одлука ОЈО, ја образложи со тоа што во текот на истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно биле испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт.