Вработена во Собранието, припадничка на МВР, Александра Богоевска Крстановска, во судница раскажа кој и како на 27 април лани влегол во мониторинг собата и по чија наредба.
На крвавиот четврток таа била на работно место на пријавницата во Собранието на влезот од страната на Дом на АРМ.
– Во 20.50 часот вечерта на 27 април ми се јави колегата од обезбедување во кабинетот на претседателот дека добил усна наредба од началникот Горан Ѓошевски (шеф на обезбедувањето на тогашниот претседател на Собранието Трајко Велјановски) дека ќе дојдат двајца колеги од УБК за да влезат во просторијата за мониторинг. За некои 5 до 10 минути тие дојдоа со уште двајца кои исто ги претставија како колеги од УБК и Сашо Марковски рече дека треба да им отворам во мониторинг собата бидејќи така било договорено со Горан и оти се дојдени да ја следат состојбата за полесна евакуација. Му реков дека без наредба од мојот началник не можам да отворам, а тој веќе беше неконтактибилен и во болница. Тој повторно ми рече дека така е договорено со Горан. Му свртев на телефон на началникот Горан Ѓошевски, тој не ми се јави и по неколку минути ме побара и рече да отворам во мониторинг просторијата оти наредната е од директорот на БЈБ, Митко Чавков. Ја отворив просторијата, влегоа Сашо Марковски и Оливер Радулов, а другите двајца останаа на пријавница. Се задржаа околу 10 минути и излегоа. Ја заклучив просторијата и истите си замина – раскажа сведокот.
Таа рече дека тогаш, покрај тоа што нејзиниот директено претпоставен бил повреден и во болница, началникот на оддел и началникот на сектор биле на одмор, а го послушала Ѓошевски кој тогаш беше шеф на обезбедувањето на кабинетот на Велјановски и важел за авторитетен старешина.
– Тој беше и единствениот за кој знаев дека има контакт со генералниот секретар од кого е потребно да има дозвола за отворање. Сметав дека треба да постапам по неговата наредба – рече Богоевска Крстановска која претходна кажа дека претходно го видела претепаниот Зијадин Села на кого ми била потребна евакуација.
Директно со Чавков, рече таа, ниту се слушнала ниту некогаш контактирале.