Обвинетиот Пепиќ: Ја маскиравме Шекеринска, и ѝ реков дека само кондурите не ѝ личат за докторка

2174

Обвинетиот во случајот со 27 април, Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, доцна попладнево дава своја одбрана во Кривичниот суд.

Изнесувајќи ја својата одбрана, обвинетиот кажа дека на 27 април бил пред и во законодавниот дом службено. Дента добил работен ангажман да присуствува на протестите, а пред Собранието видел НН лице кое е од интерес на Агенцијата за разузнавање, ја известил службатс и го следел тоа НН лице.

Меѓу другото, тој кажа и дека на критичниот ден во Собранието видел лица со маски кои носеле значки од МВР.

– Видов крупни дечки, со црни маски и со значка на МВР. Така бурно реагирав, тоа се гледа на снимките кои ги гледавме, и на глас кажав дека овие со маските биле полицајци. Со црно елече беше дечкото, крупен, развиен. Му кажував и на тој до мене што беше, викам: „Луѓето што поминаа со маски имаа значки на себе”. За жал не беше само тоа лице. И други три-четворица имаа значки – раскажа Пепиќ.

Имало, како што рече, и лица со посебни потреби, едно од нив носело и јарбол со знаме и сакал да удри по Никола Тодоров, но тој успеал да го спречи.

Тој зборуваше и за тоа што сѐ друго видел и правел во Собранието, меѓу што и маскирањето на Радмила Шекеринска во медицинско лице во што помагал и тој.
Пепиќ кажа дека Никола Тодоров и ставил капа во која и ја собрал косата за да не ја препознаат. Пепиќ пак, ја земал ташната од докторката од Брза помош, ја испразнили и ја закачил на рамото на Шекеринска.

– На шега и реков: „Госпоѓо Шекеринска, само кондурите не ви личат за докторка” – раскажуваше Пепиќ, што наиде на смеење меѓу присутните во судницата.

По евакуацијата и на еден од повредените полицајци, Пепиќ рече дека го напуштил Собранието.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...