Обвинета во „ТНТ“ била претепана на 1 мај, судењето се одложи

На Зафировска ѝ биле констатирани повреди на нозете, главата и рбетот, поради што не можела да се движи и ќе биде на боледување до 15 мај.

1401

Се одложи денешното рочиште за случајот „ТНТ“ за рушењето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, зашто обвинетата Марика Зафировска била претепана на 1 мај и не можела да дојде поради тоа што е во болница.

Зафировска и нејзиниот сопруг биле нападнати и претепани на 1 мај во викендичка во Катланово, од ним блиско лице, по што со возило на Брза помош биле пренесени во болница.

На Зафировска ѝ биле констатирани повреди на нозете, главата и рбетот, поради што не можела да се движи и ќе биде на боледување до 15 мај.

Следното рочиште е закажано за 11 јуни.

Во судницата беа присутни обвинетите Миле Јанакиески, Никола Груевски и Тони Трајковски.

Врховниот суд постапувајќи по барање на одбраната во предметот на Специјалното јавно обвинителство „ТНТ“ за изземање на в.д. претседателот на Апелациски суд – Скопје Лидија Димчевска и нејзиниот заменик, на 16 април, донел решение со кое барањето за изземање се одбива како неосновано.

Како што соопшти Основен суд Скопје 1, врз основа на ова решение, а постапувајќи по барање на одбраната во предметот „ТНТ“ за изземање на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев и неговиот заменик, Апелациониот суд – Скопје на 20 април 2018 година донел решение со кое барањето на одбраната се отфрла како недозволено.

По добиена надлежност за постапување, претседателот на Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по барање на одбраната за изземање на судечкиот совет кој постапува во предметот „ТНТ“ на 23 април донел со кое изземање се одбива како неосновано.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...