Не се чувствувам виновна за кривичното дело кое ми се става на товар бидејќи ништо од тоа што е наведено во обвинението не сум го сторила. Вака 21-годишната Ангела Ѓорѓиевска во Основниот кривичен суд во Скопје денеска негираше дека е вмешана во убиството на Пино Секондо за кое, пак, Обвинителството тврди дека таа го повикала убиеното момче, присуствувала на моментот на убиството и потоа учествувала во сокривање на телото.
Ангела е единствената која е обвинета во овој случај, додека првоосомничениот е во бегство и против него не се подигна обвинение. На денешното рочиште и таа и нејзиниот адвокат, како и обвинителката Лидија Раичевиќ ги дадоа своите воведни зборови. Адвокатот Еленко Миланов кој ја брани обвинетата девојка тврди дека освен трагичниот факт дека Пино е мртов, Обвинителството нема никаков друг доказ за начинот, времето и местото на убиството. Дополнително, тврди тој дека и полиграфот покажал дека таа е невина иако обвинителката посочи дека полиграфско тестирање не е доказ.
– Она што ќе го докаже одбраната е дека за 10 и 11 декември 2018 година во критичен период на вечерните часови не постои никаква комуникација помеѓу осомничената Ангела и Пино. Со таквиот факт ќе докажеме дека не може да има придонес за било што во врска со смртта на Пино. Ќе докажеме дека фактот дека Ангела не е инволвирана во вакво кривично дело е потврден уште далеку во предистрага со нејзино полиграфско испитување повторено на два пати – рече Миланов.
Тој бара да се изведат и листинзи на повици од комуникацијата меѓу Ангела, првообвинетиот и Пино. Покрај противењето зашто полиграфот не е доказ, обвинителката се спротистави и на изведувањето на вакви докази зошто имала сведоци кои ќе сведочат дека тие комуницирале. Според обвинението, обвинетата на 11 декември 2018 година, го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило „опел аскона“, носејќи со себе пушка. Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот „шкода“ со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште. Тројцата, се тврди во обвинението, се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо.
„Притоа, обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе“, посочија од обвинителството кога го поднесоа обвинението.